ВИДЕО | Запознајте го Енди, роботот кој може да „дише“ и да се поти

Фото: Принтскрин/ Јутјуб

Истражувачите од Универзитетот во Аризона создадоа робот кој може да се поти, да дише и да трепери, пренесува српски „Нејшнал џеографик“.

Главниот град на сојузната држава Аризона, Феникс, со денови се справува со температури кои надминуваат 43 степени Целзиусови. Според експертите, ова, заедно со другите случувања во целиот свет во однос на температурата, е предзнак за она што допрва доаѓа.

Покрај опасноста што се заканува да уништи цели екосистеми, да доведе до истребување на бројни растителни и животински видови, таквата топлина може да биде и смртоносна за луѓето. Бидејќи ефектите од топлината врз човечкото тело се опасност која сè уште не е целосно разбрана од експертите, тие одлучија да создадат уникатен хуманоиден робот на Државниот универзитет во Аризона – наречен Енди.

Ова е најдобриот начин експериментално да се измери како човекот реагира на екстремна клима, без да го доведе во опасност, тврди Конрад Риказевски. Тој вели дека креацијата на неговиот тим, изгледа како кукла за тестирање сообраќајни незгоди, но нејзината кожа крие технологија која проценува колку брзо и со каков интензитет топлината се шири низ човечкото тело. Покрај тоа, таа има скап внатрешен систем за ладење кој и овозможува да се поти.

Штом ќе зачекори на улиците на Феникс, мобилната метеоролошка станица и другите софистицирани технологии бележат параметри како што е количината на топлина што се рефлектира од околните згради. Научниците исто така можат да прилагодат дали таа се поти повеќе или помалку и да ги проучат ефектите од ова врз луѓето.

Покрај ефектите врз здравјето, добиените податоци ќе им овозможат на научниците да создадат поефикасна облека отпорна на топлина, но и повторно да го проценат урбаното планирање и заштита.

„Колку долго човек треба да остане во центарот за ладење за да се опорави, за да може неговата централна температура да се врати на безбедно ниво? На тоа прашање можеме да одговориме со помош на Енди“, вели климатологот Џенифер Ванос.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот