ВИДЕО | Вело Марковски и младата сопруга: И покрај предрасудите, ние успеавме

Фото: Фејсбук, Вело Марковски/Инстаграм, Евгенија Николовска - Марковска

Проф. д-р Вело Марковски и неговата сопруга Евгенија Николовска – Марковска, која е многу помлада од него, се доказ дека вистинската љубов не познава граници. Тие за првпат гостуваа во забавната емисија „Бекстејџ“, каде зборуваа за почетоците на нивната врска и за предрасудите кои постојат во општеството.

„Се запознавме на факултет, каде што јас предавав, а Евгенија беше една од најдобрите студенти. Затоа ѝ предложив да биде асистент и да држи вежби. Тоа познанство траеше неколку месеци, а љубовта дојде спонтано“, раскажува Вело.

На прашањето каков професор бил Вело, Евгенија вели дека тој бил строг и дека на почетокот од нивното познанство немало љубов.

„Ми беше симпатичен од самиот почеток, но немаше љубов меѓу нас. Како што кажа тој, јас му бев демонстратор некое време, му помагав. Многу ми се допадна неговиот однос кон мене, тој се однесуваше кон мене како да сум еднаква со него. Колку повеќе се дружевме, така ми стануваше сѐ поблизок и врската ја почнавме без никакви очекувања“, вели таа.

„Кога ја започнавме нашата врска, јас имав 22 години и веќе се чувствував спремна да имам деца и семејство. Мислам дека машките од мојата генерација не би се решиле да имаат деца на таа возраст. Според мене, машките созреваат подоцна и тоа беше клучен момент да се решам за ваква врска“, смета Евгенија.

Како што вели Евгенија, на нејзините родители не им пречело што таа е во врска со професорот.

„Немаше пречки од страна, тие само нѐ прашуваа дали сме сигурни дека ќе успееме бидејќи имаме голема разлика во годините. Но, ние сакавме да пробаме и среќна сум што успеавме“, вели таа.

Д-р Марковски смета дека општеството треба да се ослободи од ваквите предрасуди бидејќи, како што вели тој, секоја врска е посебна.

„Има многу предрасуди во општеството и мислам дека многу од нормите се наметнати од религиите. Имаше доста дофрлувања и сѐ уште има дофрлувања, без да се знае што навистина се случува. Секоја врска е посебна, нема правила и не може да се планира. Мислам дека треба да се ослободиме од тие стеги, бидејќи имаме голем проблем во општеството. Ние имаме многу девојки кои се на некоја возраст од 33 до 38 години, а не се во сериозна врска. Мене ме плаши тоа што не се појавува мајчинскиот инстинкт кај нив и мислам дека 20 до 30 илјади жени во Македонија нема да родат. Според мене, тоа е голем геноцид, а овие наметнати норми на моралот само пречат“, тврди професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот