ВИДЕО: ВБА му откина бод на Ливерпул, но сега е „прегазен“ од Лидс!
Вест Бромвич Албион после ремито во минатото коло против актуелниот шампион Ливерпул, денеска на домашен терен ги разочара своите фанови со убедливиот пораз од Лидс (0:5).
Препорачано
Свој придонес во триумфот имаше и македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски со прекрасен погодок (негов вкупно втор) во 31 минута за зголемување на позитивата на 0:2. Нашиот играч го одигра целиот меч, а воедно заработи жолт картон пред крајот на првото полувреме.
Во деветтата минута домаќините си постигнаа автогол преку Сојерс, а во високата победа стрелаа уште Херисон (36`), Родриго (40`) и Рафиња (72`).
ВБА предводен од менаџерот Сем Алардајс после 10 пораз сезонава во Премиер лигата останува во опасната зона за испаѓање на претпоследната 19 позиција со осум бодови.
Од друга страна, играчите на Марсело Биелса повторно редат победи, вечерва дојдоа до седмата, втора по ред за моментно 11 место со 23 бодови. Ова беше последниот премиерлигашки меч за клубот од „Иланд роуд“ годинава, но веќе наредниот натпревар ќе го има на 2 јануари на гостувањето кај Тотенхем на Жозе Мурињо.
Се одиграа уште три средби од 16 коло: Брајтон-Арсенал 0:1, Барнли-Шефилд јунајтед 1:0 и Саутемптон-Вест Хем 0:0.


