ВИДЕО | Вака би можела да изгледа копнената инвазија на маринците врз иранскиот остров Харг

Голем дел од огнената моќ што сега се користи против иранското копно би можел да биде пренасочен кон заштита на силите на Харг, бидејќи безбедноста на војниците би станала апсолутен приоритет. Сет Крумрих, поранешен функционер на американските специјални сили, вели дека целта би била „да се шокира противникот и да се заземе теренот што е можно побрзо“.

Американските сили се приближуваат до островот Харг, летајќи ниско со хеликоптери. По слетувањето се распоредуваат низ клучното иранско нафтено јазло, цело време под оган од иранските сили, пишува „Фајненшл тајмс“ во анализа на можно сценарио.

Војниците се држат блиску до нафтената инфраструктура за да се заштитат, ставајќи го иранскиот режим пред исклучително тежок избор: да ги уништи сопствените нафтени објекти за да ги погоди Американците или да се воздржи и да му дозволи на Вашингтон да ја преземе контролата врз економската артерија на земјата.

Сценарио што се разгледува во Вашингтон

Такво сценарио би можело да се одвие веќе во наредните недели додека САД ја разгледуваат можноста за заземање на островот Харг, преку кој минува околу 90 проценти од иранскиот извоз на нафта.

Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела изјави дека се надева на договор со Иран кој би го завршил конфликтот. Но, во момент кога илјадници американски маринци веќе се на пат кон регионот, а падобранците се подготвени за акција, заземањето на Харг е една од опциите што Вашингтон ги разгледува за да стекне предност над Техеран.

САД уништија воени цели на иранскиот остров Харг, Трамп од „пристојност“ одлучил да не ја бомбардира нафтената инфраструктура

Таков потег би им овозможил на САД контрола врз речиси целиот ирански извоз на нафта, со што би се пресекле клучните приходи без уништување на инфраструктурата и без предизвикување целосен хаос на глобалниот пазар на енергија.

Контрола врз нафтата и притисок преку Ормуз

Истовремено, Вашингтон би добил силен преговарачки адут во обидите да го натера Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец. Алтернативна опција вклучува заземање стратешки острови во самиот теснец за да се преземе контрола врз овој клучен поморски правец.

Но, испраќањето копнени сили на територијата на Иран би претставувало голема ескалација и би ги изложило американските војници на значителни загуби, предупредува „Фајненшл тајмс“.

„Испраќањето копнени сили очигледно е поризична операција за нашата војска“, изјави Карен Гибсон, поранешна шефица на разузнавачката служба на американската Централна команда.

Иако САД има капацитет да го заземе островот, клучниот проблем не е само неговото освојување, туку и задржувањето под постојан притисок.

Како би изгледала операцијата?

Голем дел од огнената моќ што сега се користи против иранското копно би можел да биде пренасочен кон заштита на силите на Харг, бидејќи безбедноста на војниците би станала апсолутен приоритет. Сет Крумрих, поранешен функционер на американските специјални сили, вели дека целта би била „да се шокира противникот и да се заземе теренот што е можно побрзо“.

„Брзината е клучна затоа што не сакате да бидете изложени на отворено. Ќе се држите покрај нафтената инфраструктура“, рече тој.

Поддржувачите на поостра американска интервенција веќе го повикаа Трамп да го заземе островот, а републиканскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека иранскиот режим без приходи од нафта „би пропаднал сам од себе“.

Американските сили веќе во движење

Пентагон веќе почна да испраќа илјадници војници од елитната 82. воздушно-десантна дивизија, која може да биде ангажирана во рок од 18 часа.

Америка на чекор до копнена инвазија на иранскиот остров Харг

Во регионот се испраќаат и две експедициски единици на маринците, секоја со околу 2200 војници. Една од нив, 31. единица, веќе е на пат од Јапонија на бродот „УСС Триполи“ и се очекува да пристигне кон крајот на неделата.

Истовремено е наредено и испраќање група бродови предводена од „УСС Боксер“, кој ја превезува 11. единица од Калифорнија, но нивното пристигнување се очекува дури за три до четири недели.

Секоја таква единица вклучува пешадиски баталјон, воздушни сили и логистичка поддршка. Бродовите носат летала „В-22 Оспри“, додека „УСС Боксер“ има и стелт борбени авиони „Ф-35“, како и десантни пловила за искрцување војници и опрема.

Ризична операција под оган

Според проценките на поранешни американски функционери, една ваква единица би била доволна за заземање и контрола на островот.

„Ова е класична операција на маринците. Затоа постојат маринците“, рече Гибсон, со напомена дека операцијата би се изведувала „под притисок и под оган“.

Загубите меѓу американските војници би биле речиси сигурни. Островот Харг, со површина од околу 21 квадратен километар, се наоѓа на само 24 километри од иранскиот брег и е во домет на иранските ракети, дронови и артилерија.

Поранешниот адмирал Џејмс Ставридис смета дека САД би можеле да го држат островот неограничено долго, сѐ додека ја задржат надмоќта во воздухот и на морето.

Враќање на амфибиските операции

Амфибиските напади, во кои копнените операции се започнуваат од море, длабоко се вкоренети во доктрината на американските маринци уште од Втората светска војна и битките како Иво Џима и Окинава.

САД нема изведено голема амфибиска операција под силен оган уште од Втората светска војна, наведува „Фајненшл тајмс“. За време на инвазијата на Ирак во 2003 година, американските сили ги зазедоа нафтените терминали со минимален отпор.

Американските сили веќе извршија повеќе од 90 удари врз цели на островот Харг, вклучувајќи складишта за мини и ракетни бункери, што би можело да претставува прва фаза од операцијата – подготовка на бојното поле.

Можни сценарија за напад

Според Калев Сеп, ветеран на американските специјални сили, операцијата би започнала со кратки и интензивни удари со прецизно оружје, по што би следел воздушен десант со хеликоптери и авиони. Во операцијата би можеле да бидат вклучени и падобранци од 82. дивизија, армиски ренџери и специјални сили на воздухопловството, кои би ги зазеле клучните точки пред пристигнувањето на маринците.

Маринците би можеле да искрцаат сили од море или од воздух. Во случај на поморски напад би се користеле десантни пловила за транспорт на војници, оклопни возила, артилерија и ракетни системи „ХИМАРС“.

„Ќе воспостават мостобран и потоа ќе се движат низ островот“, изјави пензионираниот полковник Марк Кансијан.

Но, приближувањето на бродовите до Харг би било исклучително опасно бидејќи би морале да поминат низ Ормускиот теснец, кој Кансијан го опишува како „стрелиште“. Постои и можност Иран веќе да поставил мини, што би барало дополнителни операции за расчистување под оган.

Алтернатива е воздушен напад од бродови надвор од Персискиот Залив, при што војниците би можеле да летаат и до 1600 километри до целта.

Ризици од поширока ескалација

Хеликоптерите и авионите притоа би биле изложени на оган од земја и напади со беспилотни летала што Иран сѐ почесто ги користи. Постои и можност САД да користи копнени бази во соседните земји, што би ги изложило тие држави на дополнителен ризик од ирански напади.

„Тоа би отворило и логистички и дипломатски проблеми, од снабдување со гориво и медицинска помош до преговори за користење територија и воздушен простор“, изјави Џонатан Хакет, поранешен маринец.

Како алтернатива на заземањето на Харг, САД би можеле да се обидат да преземат контрола врз островите во Ормускиот теснец како Ларек, Кешм и Ормуз. Но, покрај воениот отпор, таквата операција носи и ризик од дестабилизација на глобалниот пазар на нафта уште од првите часови.

„Тоа би било форма на економско војување. Се борите во многу посложен простор“, рече Крумрих.

„Клучното прашање е – што понатаму?“

Иако заземањето на островот би ѝ дало на САД силен преговарачки адут, не е јасно дали Иран би прифатил преговори или би го ескалирал конфликтот. Постојат и проценки дека Техеран би можел да ја уништи сопствената нафтена инфраструктура за да не падне во рацете на противникот.

Дури и ако операцијата помине без проблеми, тоа можеби нема значително да ја промени американската позиција во војната, предупредуваат аналитичарите.

„Клучното прашање е – што потоа?“, изјави Ник Рејнолдс од лондонскиот институт РУСИ.

Дипломатска трка со времето: Може ли Пакистан да биде клучниот посредник за мир меѓу САД и Иран во следните 48 часа?

„Вратите на пеколот се отворени“ – Вашингтон испрати брутална порака до Техеран

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот