ВИДЕО | Светот треба да види како јадат грчките монаси – тајната на лесниот и здрав пост
Големиот велигденски пост се практикува во православните заедници ширум светот, а од грчките монаси можеме многу да научиме. Секоја пролет, во текот на шест недели или само во Велика недела, милиони луѓе се посветуваат на Великиот пост, прифаќајќи традиционален начин на исхрана кој нагласува зеленчук, мешунки и едноставна подготовка на храната, без месо и млечни производи. Во грчкиот манастир на Свети Августин и Серафим, 40 монаси строго се придржуваат до овие правила, инсистирајќи на едноставни, но вкусни јадења, пишува „АП“.
Препорачано
Пронашле соодветни замени
Тие поголемиот дел од своите производи ги одгледуваат и берат во манастирските градини, вклучувајќи изобилство тиквички и домати. Монасите усовршиле методи за реплицирање на познати вкусови и текстури. Печените компири ги премачкуваат со таан наместо масло за да се обезбеди крцкавост, а домашниот зеленчуков сос им дава силен вкус на јадењата од леќа.
„Маслиновото масло се користи само викенди. Значи, што и да приготвите, било да се мешунки, варен зелук или нешто друго, нема да содржи масло. И не јадеме месо, риба, млечни производи, јајца и масло“, вели отец Нектариос Мулациотис, љубезниот игуман на манастирот Свети Августин и Серафим во Трикорф.
„Јасно е дека се фокусираме на мешунките. Се ограничуваме на зеленчук“, пренесува „АП“.
Според фотографиите од нивната кујна, важи правило – што е по-шарено и разновидно, толку е подобро.
„Тренинг на духот“
Монасите додека јадат слушаат молитви прочитани наглас, а отец Нектариос објаснува дека практиката на пост и ограничена исхрана е неопходна за длабоко размислување и фокус, потребен за духовна подготовка за Велигден. Тој тоа го споредува со тренинг за издржливост.
„На ист начин како што некој оди во теретана за да го обликува телото, црквата е теретана за душата“, вели отец Нектариос. „Не можете вистински да се молите, учите, пеете или да изведувате духовни вежби со полн стомак“, додава тој со насмевка.
Тој нагласува дека хранлива, но дисциплинирана исхрана носи користи и надвор од верското опкружување, како чувство на поголема самоконтрола и подобрена свесност.
Здравствени придобивки
Православните монаси поголемиот дел од годината ја почитуваат праксата на пост која ги ограничува видот, времето и количината на храна. Истражувачи децении ја проучуваат нивната исхрана за да утврдат дали овие обичаи помагаат во превенција на срцеви болести, дијабетес тип 2 и мозочен удар.
Заклучокот е дека оваа практика може да ја подобри здравствената состојба, од подобрување на холестеролот до подобра контрола на шеќерот во крвта.
„Овие неколку дена на пост, околу 50 дена, не се доволни за да предизвикаат недостаток на хранливи материи, но навистина можат да доведат до подобрување на здравјето ако се прават правилно“, вели Ирини Бабаручи, нутриционистка на националниот атлетски тим.
Таа истакнува дека избегнувањето на животинска храна која содржи заситени масти помага за намалување на холестеролот. Намалувањето на телесната тежина може да помогне во контрола на шеќерот во крвта и во намалување на крвниот притисок.
„Кога постиме подолго време, пред сè затоа што избегнуваме внес на животинска храна со нездрави масти, ќе забележиме разлика во холестеролот. Може да дојде и до промена на тежината, што помага во контрола на шеќерот во крвта и намалување на крвниот притисок. Сепак, колку е подолг постот, поголем е ризикот од недостаток на одредени хранливи материи, како витамин Б12 и железо, кои се наоѓаат само во животинската храна“, објаснува таа.
Затоа, „важно е и што јадеме, а не само што избегнуваме“.
„Со правилни комбинации можеме да добиеме сите хранливи материи кои ни се потребни“, заклучува таа.


