ВИДЕО: Шпанска „империја“, светскиот шампион ја освојува и кошаркарска Европа

Шпанија ја брка четвртата европска титула/Берлин, Германија/16 септември 2022/фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Актуелниот светски шампион Шпанија се пласираше во финалето на Европското првенство откако на паркетот во Берлин го совлада домаќинот Германија со резултат 96:91. В недела од 20.30 часот црвената „фурија“ ќе се сретне со француската селекција која во првото полуфинале ја декласираше Полска.

Шпанија беше европски шампион во 2009, 2011 и 2015 година, додека Франција единствено триумфираше во 2013 година. За првпат во финале на континенталните собири ќе играат меѓусебе Шпанија и Франција.

Избраниците на Серџо Скариоло го започнаа натпреварот многу посигурно, но домашните на крајот на првото полувреме ја надополнија негативата од девет поени и со серија од 14:0 дојдоа до „плус пет“ – 46:41 за радост на трибините на Арена „Мерцедес Бенц“. Во тие моменти блескаше одличниот шутер Андреас Обст, кој постигна три тројки во првото полувреме.

Германија на пауза замина со пет поени предност (51:46), потоа дозволи Шпанија да направи пресврт за водство од 61:57, но повторно падна концентрацијата на играчите на Скариоло и му дозволија на домаќинот за првпат да оди на двоцифрена позитива – 71:61 една на минута и пол до крајот на третата четвртина.

Во 33 минута Германците поведоа со 77:70, а потоа како да застанаа. Шпанските кошаркари тоа го искористија и со серија од 13:0, благодарение на одличниот Усман Гаруба, водеа со 83:77 и до крајот на средбата успеаја да ја задржат предноста.

Во триумфот на Шпанија Лоренцо Браун беше најефикасен со 29 поени (8/10 за два, 3/7 за три) со шест асистенции, Вили Ернангомез постигна 16 поени, Хуанчо Ернангомез 13, а Алберто Дијаз 10 поени. Кај поразените Денис Шредер запиша 30 поени (8/10 за два, 3/7 за три) и осум асистенции, Франц Вагнер и Андреас Обст (5/8 за три) по 15, а Даниел Теис 10.

Германија во недела од 17.15 часот ќе игра за бронзениот медал против Полска. Германците никогаш не биле третопласирани на ЕП, беа само еднаш во „малото финале“ во 2001 година кога загубија од Турција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот