ВИДЕО | Шокантна исповед на ќерката на Дејвид Боуви: Татко ми ме испрати во центар за злоставување
Ќерката на Дејвид Боуви и Иман тврди дека нејзиниот познат татко ја испратил во програма за „злоупотреба“ т. н. терапија во дивината, наменета за „превоспитување“ на проблематични тинејџери.
Препорачано
Во искрената исповед објавена на социјалните мрежи, Александра Џонс, позната како Лекси, открила дека не била покрај познатиот музичар во времето на неговата смрт, бидејќи тој претходно ја сместил во терапевтски центар, пишува „Дејли мејл“.
Џонс (25), сега и самата музичарка, во видеото на Инстаграм раскажала дека била испратена во програмата на 14-годишна возраст, откако – соочена со дијагнозата на нејзиниот татко за ракот на црниот дроб во 2014 година – почнала да се свртува кон алкохол и дрога.
Дејвид Боуви почина на 10 јануари 2016 година, два дена по неговиот 69-ти роденден.
View this post on Instagram
Терапијата во дивина, позната и како „здравствена заштита на однесувањето на отворено“ (outdoor behavioral health), е контроверзна форма на третман за менталното здравје развиен во САД за адолесцентите, вклучително и за оние со проблеми со зависности. Програмите комбинираат интензивен престој во природа со психолошко советување, но со години се изложени на силни критики и обвинувања за злоупотреба од илјадници млади луѓе кои поминале низ нив. Наследничката и претприемачка Парис Хилтон, исто така, тврдеше дека била злоставувана во една таква програма.
„Парализирана од ужас и целосно нема“
Џонс, единственото дете на Боуви и супермоделот Иман, рекла дека нејзиниот татко ѝ се извинил во писмо што ѝ го прочитал непосредно пред двајцата мажи, „повисоки од 190 см“, да ја однесат во програмата.
– Татко ми го прочита писмото што го напишал. Не се сеќавам точно што пишуваше, но ја паметам последната реченица: „Жал ми е што мора да го направиме ова“. Тогаш двајца мажи, двајцата значително повисоки од мене, влегоа низ вратата. Ми рекоа дека можам да го изберам полесниот или потешкиот пат. Јас го избрав потешкиот пат. Се спротивставув. Викав. Се држев за ногарката од масата. Ме зграпчија, ги ставија рацете на мене, ме одвлекоа од сè што познавав, а јас врескав на цел глас. Довикував помош, но никој не реагираше. Се чувствував како да ми е одземено правото да останам во сопствениот живот. Ме турнаа во црн џип. Кога вратата се затвори, родителите повеќе ги немаше. Останав сама, во автомобилот со двајца непознати мажи кои не сакаа да ми кажат каде одиме. Седев таму, парализирана од ужас и целосно нема.
Таа вели дека поминала 91 ден во програмата за терапија во дивината – без приватност, со можност за туширање само еднаш неделно. По три месеци, била префрлена во резиденцијалниот центар за терапија во Јута, каде што останала малку повеќе од една година. Таму дознала дека татко ѝ починал.
– Имав привилегија да разговарам со него два дена претходно, на неговиот роденден. Му кажав дека го сакам, и тој го рече истото. А потоа ја видов објавата: „Дејвид Боуви почина, опкружен со семејството“. Ми се слоши затоа што – да, целото семејство беше таму. Освен јас – раскажала Џонс.
За центрите сведочеше и Парис Хилтон
Џонс, исто така, тврди дека ја подложиле на целосен претрес во кампот за да проверат „дали крие нешто на или во своето тело“. Таа раскажала дека учесниците во програмата морало да копаат дупки во земјата што служеле како тоалети. Притоа морале да бројат гласно за да, како што тврди, персоналот на терапевтскиот центар има надзор врз нив.
– Оганот го палевме со лупење кора од бреза и со удирање кремен од челик. Готвевме врз тие огнови. Учевме да врзуваме јазли за да ги поставиме церадите под кои спиевме – на простирка за јога и во вреќа за спиење.
Џонс во август објави на Инстаграм дека ѝ е дијагностициран аутизам, додавајќи дека тоа „конечно им дало смисла на многу работи со кои се справувала во тишина целиот живот“.
Во меѓувреме, во 2020 година, Парис Хилтон со солзи во очите сведочеше дека како тинејџерка била разбудена ноќе од непознати мажи во нејзината соба и насилно однесена во резиденцијалната програма „тешка љубов“ (tough love). Откако тврдеше дека била злоставувана во еден таков центар во Јута во 90-тите, таа започна кампања против тие институции и сведочеше пред Конгресот на САД во 2024 година, наведувајќи дека „насилно ѝ давале лекови и сексуално ја злоставувале“.
Ќерката на Дејвид Боуви има 19 години, а Иман не сака таа да се експонира во јавноста
Скапоцена архива: Над 80.000 предмети на Дејвид Боуви ќе бидат претставени на изложба во Лондон


