Фото: EPA/BENJAMIN FANJOY

ВИДЕО | Шок за Швајцарија во Санта Клара, Катар во самиот финиш до бод

Фудбалската репрезентација на Катар приреди вистинско изненадување, ремизирајќи 1:1 со Швајцарија на почетокот од групата Б на Светското првенство. Со истиот резултат заврши претходно и првиот меч од групата меѓу Босна и Херцеговина и Канада, и сега сите четири репрезентации во групата имаат по еден бод.

На Леви`с стадионот во Санта Клара, клучен момент од првото полувреме се случи во 14 минута, кога беше досуден пенал за Швајцарија. Иако катарските играчи протестираа, тврдејќи дека на акцијата претходел чист офсајд од Ремо Фројлер, ВАР собата не интервенираше на начин што би ја променил одлуката на главниот судија од Хондурас.

Брил Емболо ја презеде одговорноста и постигна сигурен удар за водство на Швајцарија од 1:0. И двата тима имаа неколку добри шанси пред паузата, но Кобел и Абунада ја задржаа својата мрежа чиста.

Темпото на натпреварот малку се забави како што натпреварот продолжуваше, а Швајцарија се обидуваше да го контролира резултатот. Гранит Џака се обиде со два удари од далечина, но безуспешно, додека Варгас и Емболо ја пропуштија најдобрата шанса да ја обезбедат победата во завршните фази.

Прво, Абунада го спречи обидот на Варгас, а само минута подоцна Емболо шутираше покрај голот од добра позиција. Промашувањата на крајот скапо го чинеа тимот на Мурат Јакин. Кога се чинеше дека Швајцарија рутински ќе го заврши натпреварот, Катар им зададе болен удар на своите ривали.

Се играше петтата минута од судиското продолжение кога Ахмед ја искористи една од последните шанси на натпреварот и ја испрати топката во мрежата за конечни 1:1. Следеше огромна прослава од играчите и навивачите на Катар, доживувајќи го освоениот бод како победа.

Во второто коло во Лос Анџелес, БиХ ќе игра против Швајцарија, додека Катар еден ден подоцна ќе се соочи со Канада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот