Фото: Принтскрин / Икс

ВИДЕО | Седум кучиња херојски избегале од камион на трговец со месо – предводени од корги, поминале 17 км до своите домови

Видео од седум кучиња кои се движат во глутница по прометен автопат во Кина, со неизвесна цел, кружи на интернет во последните денови и предизвика бројни реакции.

„Саут Чајна морнинг пост“ објави дека седумте кучиња, кои оделе по прометен автопат во Чангчун, во покраината Џилин, биле забележани од корисник на интернет со презиме Лу.

Се верува дека кучињата биле киднапирани од крадци кои работеле за фабрика за кучешко месо и се обиделе да ги транспортираат со камион. Сепак, овие седум кучиња успеале да избегаат од возилото и да се вратат во своите домови, поминувајќи растојание од 17 километри за два дена.

Групата храбри кучиња се состоела од повреден германски овчар, корги, златен ретривер, лабрадор и пекинезер.

– Тие изгледаат како група браќа и сестри во неволја, држејќи се заедно, немаат никаква врска со кучињата скитници – изјавил Лу.

Тој додал дека неколку пати се обидел да им помогне на кучињата, сакајќи да ги одведе на безбедно, но тие продолжиле да одат, игнорирајќи ги неговите обиди. Лу го сподели видеото на социјалните мрежи, повикувајќи ги властите да интервенираат.

За време на патувањето, други луѓе ги виделе кучињата како талкаат по блиските полиња. Како што нивните видеа почнаа да стануваат вирални на кинеските социјални мрежи, волонтерите ги следеа нивните движења и се погрижија безбедно да стигнат дома. Организацијата „Битер кофи стреј дог“, исто така, изјавила дека кучињата доаѓаат од истото село и се познаваат, поради што останале во глутница за време на дводневното враќање дома.

Еден волонтер тврдел дека луѓето што ја воделе продавницата за кучешко месо ги украле овие кучиња, сугерирајќи дека веројатно избегале од камионот, иако ниеден сведок не го видел вистинскиот момент на нивното бегство.

Врз основа на хронологијата на видеата што го прикажуваат нивното патување назад, се верува дека тие избегале на 16 март и пристигнале дома на 18 март. На 19 март, волонтер од засолништето за кучиња потврдил дека сите седум кучиња се вратиле кај своите сопственици, кои доаѓаат од три различни домаќинства.

Според анализата на „Хјуман ворлд“, повеќе од 10 милиони кучиња се јадат во Кина секоја година. Често се случува домашните миленици да бидат украдени и испратени во кланица за храна.

Значителен дел од трговијата со кучешко месо во Кина е поврзан со криминални активности, како што се кражба на домашни миленици и киднапирање животни од улица, како и транспорт на животни преку покраински граници без законски пропишана вакцинација и здравствени сертификати.

За време на транспортот до кланиците, кучињата се ставаат во жичени кафези и се транспортираат со часови или денови, при што многумина страдаат од дехидрација, повреди, задушување и топлотен удар, додека некои умираат дури и пред да стигнат до нивната дестинација.

Иако обемот на овие нелегални активности е огромен, потрошувачката на кучешко месо не е широко распространета во Кина. Поголемиот дел од населението не го консумира, а од оние што го прават, многумина го пробале само еднаш или двапати во животот. Консумацијата на кучешко месо се јавува главно во јужна и североисточна Кина, иако кучиња за потребите на оваа трговија се носат од целата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот