ВИДЕО | Се отвори земјата во Липково: во опасност се куќите и регионалниот пат
Kолосална пукнатина во земјата e регистрирана во атарот на Липково, објави ТВ 21.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Драматичните снимки сведочат за длабок и широк расцеп кој претставува директна и сериозна опасност за околните објекти и виталната инфраструктура во регионот. Станува збор за активно свлечиште кое веќе предизвикува значителна материјална штета и, што е најзагрижувачки, претставува непосредна закана за безбедноста на локалното население. Надлежните институции се повикуваат на итна реакција.
Под закана е и регионалниот пат, кој може да биде пресечен доколку свлечиштето продолжи да напредува.
Жителите инсистираат институциите итно да преземат мерки за запирање на ерозијата на ридот.
Од Општина Липково информираат дека се чека пристигнување на експерти од Сеизмолошката опсерваторија, кои треба да го утврдат типот на карпата и можните ризици поврзани со подземните води. Од таму додаваат дека погоденото подрачје никогаш не било предвидено за градба, што дополнително ја усложнува состојбата.
Инспекцискиот извештај од 2 декември на Геолошкиот институт покажува дека по многу години повторно се активирала фосилна карпеста плоча, при што се појавиле пукнатини широки од 20 сантиметри до 1 метар, длабоки 4–5 метри и долги 100–150 метри. Во документот се наведува дека активирањето на пукнатината е поттикнато од неодамнешните обилни врнежи, што сериозно ја нарушува стабилноста на теренот. Институтот препорачува изведба на каскадна ерозија, отворање три геолошки дупки за утврдување на типот и количината на лизганата карпа, како и преземање итни мерки за стабилизација и санација на подрачјето.


