ВИДЕО | Родителите на загинатите во Кочани предупредуваат дека ќе преземат мерки: „Oсомничени полицајци се на слобода, го губиме трпението“
Нов протестен „Марш за ангелите“ се одржа денеска во Кочани, на кој родителите упатија јавно прашање до надлежното обвинителство – до каде е обвинителниот акт во истрагата за евентуална одговорност на осомничени полицајци.
Препорачано
– Денеска се обраќаме до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Согласно начелата на владеење на правото, законитоста и еднаквоста на сите граѓани пред законот, покажавме трпение и одговорност и во период од три плус три месеци не побаравме информации за текот и статусот на обвинителниот акт. Тоа го сторивме со цел да ѝ овозможиме на надлежната институција непречено, професионално и независно постапување. Меѓутоа, рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум 12 декември 2025 година, е пробиен – изјави демонстрантка.
Службеникот од економија кој е обвинет за „Пулс“ и за поткуп излегува од притвор
Таа нагласи дека рокот е пробиен без достоинствено образложение, без официјално известување и без преземање видливи процесни дејствија од страна на надлежните органи.
Демонстрантите посочија дека дополнителна загриженост предизвикува и фактот што вработени во Министерството за внатрешни работи, кои се осомничени во предметот, и понатаму се наоѓаат на слобода и се движат меѓу граѓаните, без јавно достапни информации за изречени мерки на претпазливост, суспензија или друга форма на институционална одговорност.
Родителите нагласија дека не бараат ништо надвор од законските рамки, туку навремена, законска и непристрасна постапка, како и јасен и конкретен одговор од надлежните институции.
– Непостапувањето или одолговлекувањето во вакви случаи, каде што осомничени се лица задолжени за спроведување на законот, создава сомнеж за селективност, што е спротивно на основните принципи на правната држава. Отсуството на навремена реакција и транспарентност директно ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток дека постои институционална толеранција кон евентуални незаконски дејствија извршени од службени лица. Не бараме ништо повеќе од она што го гарантира законот – навремена, законска и непристрасна постапка, како и јасен одговор за статусот на обвинителниот акт, причините за пробивањето на рокот утврден до 12 декември 2025 година и мерките што се преземени или ќе се преземат во однос на осомничените службеници на МВР. Нашето трпение не е неограничено. Во отсуство на итен и јасен одговор, ќе бидеме принудени да ги искористиме сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес. Молкот и одолговлекувањето веќе не се прифатливи. Бараме одговор – порача демонстрантката.


