Што правевте 13 години во Кочани ако имало јавашлак? – адвокатот Шилегов го прозва обвинителот, а родителите му порачаа: „Не си во парламент“
Петре Шилегов, кој е адвокат на обвинетиот службеник во Министерството за економија, Шовкет Хазари, на денешното рочиште остро го нападна Обвинителството, а обвинението за пожарот во Кочани го нарече „правно-аналфабетски памфлет“. Шилегов го прозва и кочанското Обвинителство, поточно обвинителот од Кочани Борче Јанев, кој е потпишан на обвинението: „Ако ни тврдевте дека постоел јавашлак, што правевте вие 13 години во Кочани?“
Препорачано
Адвокатот неколкупати во својот воведен говор им се обрати на семејствата на загинатите, но кога им рече дека искрено ги жали, наиде на негодување од оние родители кои беа во судницата.
„Не ставај сол на рана, од такви како тебе се предизвика ова, не си во парламент“ – рекоа тие и добија опомена од судијката.
Шилегов не штедеше критики за обвинението за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 млади луѓе. Тој рече дека не треба ни да го носи називот обвинение и побара Обвинителството да го повлече и квалитетно да го сработи.
-Не можеме овој суд, оваа трагедија да ја покриваме со пресуда врз невини лица за оваа правна квалификација. Мислам дека Обвинителството треба да го повлече предметот, квалитетно да го сработи и потоа на правна основа да постапи. Мачење е за секој што доаѓа во оваа судница со овој интензитет и вие судија сте свесни дека нема да се намали туку ќе се зголемува интензитетот. Токму од тие причини сметаме дека ова треба да престане, се нанесува нова неправда, нова трагедија. Ако се залагаме сите системот да профункционира еве ја правата можност, одлука во согласност со системот, не со желби за конструкции, со желбите на јавноста, оправданиот притисок на семејствата и толкувањето на неуката јавност – рече Шилегов.
За својот клиент вели дека дента кога бил уапсен прв пат отишол во Кочани и последен пат и дека Обвинителството не може да го товари дека тој заедно со другите 34 обвинети знаеле и не спречиле да се случи трагедијата.
Каузалитетот кој го докажува Обвинителството го нарече „врв на ступидноста“ на обвинителниот акт.
– Многу лица недостасуваат во оваа судница. Кој е тој што одлучува каде почнува и каде завршува каузалитетот, зошто имаме поранешни, а не актуелни министри, поранешни, а не актуелни директори, зошто имаме дел, а не сите вработени кои учествуваат во постапката во Министерството за економија, а не сите вработени кои изминативе 15 години учествувале во постапката. Многу едноставно не се вклопуваат во конструкцијата, и ако го прифатиме, ваквото толкување на каузалитетот не е лично, но по Закон за Јавно обвинителство, ЈО е независен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон кривични дела. Ако ни тврдевте дека постоел тој јавашлак, што правевте вие 13 години во Кочани, што правевте? Ако ја прифатиме вашата теорија, тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвинителниот акт. Има и друг начин како да се фатат виновнците и за кои дела, а не за овие. Обвинителството можело да врши кривичен прогон врз Шовкет Хазари за кое било кривично дело врзано за службата, злоупотреба на службена положба, 353, несовесно работење. Тие дела би одговарале, ама ако се застарени, што да правиме ние – рече Шилегов.
Шилегов рече дека ова е најтешкиот предмет во историјата на македонското правосудство и дека не постои пресуда која може да ги врати жртвите.
-Обвинителството нè убедува дека Шовкет Хазари во периодот од 2013 до 2019 година се согласил дека на 16.03.2025 ќе има пожар во ноќниот клуб. Не е возможно некој со проверка на документ пред 12 години да се согласи со пожар предизвикан од пиротехника денес – рече Шилегов.
На новото рочиште за трагедијата во Кочани, одбраната продолжува со давање на воведни зборови. Ниту еден од 35-те обвинети не призна вина за трагедијата.


