ВИДЕО | Приказна како на филм: 16-годишник со првиот допир во професионалниот фудбал даде гол за Рома
Вистинска бајка испиша 16-годишниот австралиски фудбалер Антонио Арена, кој постигна гол уште при своето деби за сениорскиот тим на Рома. Напаѓачот роден во Сиднеј се запиша во листата на стрелци со удар со глава и тоа со првиот допир на топката, израмнувајќи во дуелот од Купот на Италија против Торино.
Препорачано
На натпреварот одигран вчера на „Олимпико“, тренерот на Рома, Џан Пјеро Гасперини, му даде доверба на младиот талент во 80. минута, кога Торино водеше со 2-1. Арена влезе во игра на местото на Леон Бејли, а само неколку секунди подоцна го искористи прецизниот центаршут на Весли и со глава ја смести топката во мрежата за 2-2.
Сепак, радоста на „волчицата“ беше краткотрајна, бидејќи Торино во самата завршница стигна до победа од 3-2 со голот на Емирхан Илхан.
16 year old Antonio Arena scored with his first-ever professional touch! ❤️🔥#RomaTorino pic.twitter.com/oECK7GhkXD
— Lega Serie A (@SerieA_EN) January 14, 2026
По натпреварот, Арена остана приземен и покрај големиот момент.
„Да, беше тоа прекрасен момент. Бев малку нервозен, но кога влегов размислував само да играм. До мене дојде убав центаршут од Весли на втората статива и постигнав гол. За мене ништо не се менува, ќе продолжам напорно да работам и да тренирам“, изјави младиот фудбалер за „Медиасет“.
Фудбалската приказна на младиот напаѓач започнала во академијата на Вестерн Сиднеј Вондерерс, а на само 13 години се преселил во Италија и се приклучил на Пескара. Таму минатата сезона испиша историја во Серија Ц, кога во победата над Лучезе (4-1) постигна гол на возраст од 16 години и 25 дена, со што стана најмладиот стрелец во историјата на клубот.
Тие настапи не поминаа незабележано, па Рома го доведе во јули минатата година. Арена има двојно државјанство и во 2024 година настапуваше за австралиската репрезентација до 16 години, а потоа ги носеше дресовите на италијанските селекции до 16 и 17 години.


