ВИДЕО | Пред трагедијата си ја обнови опремата, таа не изгоре, а тој не ни се врати – мајката на диџејот од „Пулс“ за „Слободен печат“

Деновите ни почнуваат тука, доаѓаме од сабајле на гробишта, потоа дома, од дома пак тука. Тоа е нашиот живот. Вака Мита Тасева, мајка на Стефан Тасевски, познат како диџеј Цеце ги опишува деновите по трагедијата во „Пулс“, во која загина Стефан, а со тоа завршија и неговите соништа да стане светски познат диџеј.

 

„Слободен печат“ пред годишнината беше на гробиштата во Кочани, каде што во еден посебен дел се наредени гробовите на младите луѓе. Мита нè пречека на гробиштата.

Една година пред трагедијата си остварил една од своите желби, си ја обновил опремата за пуштање музика, која сега е дома, неизгорена, но тој не се врати вечерта дома.

-Тешко, многу тешко, нема зборови што може да се кажат. Доаѓаме секое утро и секое попладне, нашите денови така почнуваат, потоа дома, од дома пак тука, некои обврски ако имаме и тоа е нашиот живот. Како за секоја мајка, своето чедо е најдобро. Најдобар за мене, не само за мене, за сите што го познаваа, прекрасно дете во мирна среќна фамилија до тој ден. Имаше желба да стане светски диџеј, но таа желба му се скрши. Музиката му беше во крвта, сето тоа што го направи го направи со голема желба, со голема љубов, од 15 години почна со музика во кафичи. Со текот на времето, како што созреваше, почна да оди и во други градови, беше баран на свадби, на матурски, на забави. Имаше желба да си ја обнови својата опрема со која работеше. Една година пред трагедијата си ја оствари својата желба, сега таа опрема е дома кај нас. Не беше изгорена, ама тој не ни се врати – вели низ солзи Тасева.

Нејзината утеха сега е внуката Стефани, која се роди на 13 ноември, по смртта на нејзиниот вујко.

 

Видео: Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот