ВИДЕО: Пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ објави снимка од Трендафилов со децата – кој го следел и го снимал синдикалниот лидер?
Пратеничката од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, синоќа објави снимка од претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на која може да се видат и неговите деца.
Препорачано
Трендафилов и ССМ деновиве се во заострени односи со власта, поради нејзиното одбивање да го поддржи покачувањето на минималната плата на 600 евра, кое го бара Синдикатот. ССМ минатата недела организираше голем работнички протест, а вчера го блокираше Собранието во обид, како што објасни Трендафилов, да ги натераат пратениците барем еднаш да дојдат пешки на работа и „да ги погледнат работниците во очи“. Во исто време, ССМ до Собранието поднесе иницијатива функционерските плати да се намалат за 80 отсто.
Стојановска на ова одговори со снимката, која ја објави во обид да го оцрни Трендафилов поради тоа што тој ги вози децата во, како што тврди пратеничката, службен автомобил на Сојузот на синдикатите. Стојановска не наведува од каде ѝ е видеото кое е закачено на нејзиниот профил, односно кој го следел и го снимал синдикалниот лидер, кога е направена снимката и како таа ја добила.
Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски… pic.twitter.com/9SM1YTwgUA
— Дафина Стојаноска (@daci99640087) February 10, 2026
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ случајот со Трендафилов го претставува како сличен на злоупотребата на службени државни возила, кога ја прават државни функционери.
„Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски…“, напиша Стојановска.
Нејзината објава наиде на лавина од негативни коментари на „Икс“.


