Иван Пешевски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Иван Пешевски - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Иван Пешевски, потпретседател на ССМ: Газдите возат „порше“, а работниците им висат на скеле до 64 години

Многубројни се кршењата на работничките права од непријавени прекувремени часови, до неисплатени законски додатоци, вели Пешевски. Тој посочува дека работодавачите притискаат за намалување на веќе стекнатите работнички права. Никој не сака да слушне за ревидирање на листата на професии со бенефициран стаж, па така го немаат ниту фасадерите, монтерите, армирачите….

Сојузот на синдикатите на Македонија утре ќе одржи состаноци на своите највисоки органи – Претседателството и Советот, каде што ќе се донесе одлука за времето и местото на најавениот голем работнички протест, кој ќе се одржи до крајот на месецот. Барањето на Синдикатот е минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за 6.000 денари. Но, како што вели потпретседателот на ССМ Иван Пешевски во интервју за „Слободен печат“, платите не се само проблем, туку на секој чекор се кршат работничките права – се дава плата дури и под минималната, се дава плата во плик, не се плаќаат прекувремени работни часови…

Пешевски вели дека не се охрабруваат повторно да го отворат Општиот колективен договор за стопанството, затоа што работодавачите инсистираат на намалување и на веќе стекнатите права. Како пример, посочува Пешевски, работодавачите бараат понизок К-15 и враќање на недела работен ден. Од друга страна, пак, државата како огромен работодавач на околу 180.000 работници масовно ги крши работничките права, посочува потпретседателот на ССМ. Тој укажува и на проблем за кој водат битка веќе 15 години, барем седум професии да влезат во бенефицирани.

Погледајте го целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ во продолжение:

– На кое градилиште и да свртиме камера, ќе најдеме неправилности. Газдите возат „поршеа“ , а работниците им висат на скеле до 64 години и немаат право на бенефициран стаж, а и се на минимална плата! Правилникот за бенефициран стаж не ги опфаќа најексплоатираните работни места – ѕидари, армирачи, фасадери, асфалтери. Така е и со текстилните работнички, со работниците во металната индустрија. Бенефициран стаж има за професии што ние ги немаме, на пример за пробивач на тунели, каде што доаѓаат странски работници – објаснува Пешевски.

Во однос на клучното барање на најавените протести за повисоки плати, Пешевски вели дека работодавачите се навикнаа да ја зголемуваат само минималната плата, и тоа за околу 1.000 денари годишно, што е недоволно ако се земе предвид енормниот раст на цените.

– Затоа бараме платите да се коригираат и во текот на годината, а не да се чека март и да се добива зголемување што личи на милостина. Анкетата покажа дека мнозинството работници се подготвени да излезат на протести и штрајкови. Ќе одлучиме дали протестите ќе вклучуваат блокади или ќе се премине и кон генерален штрајк, како што беше случајот пред три години, кога токму штрајкот доведе до зголемување на минималната плата од 15.200 на 18.000 денари. Но, денес, и покрај сите ад хок зголемувања, Македонија повторно е на дното во регионот по минимална плата – со минимална плата од околу 397 евра, што за нас како репрезентативен синдикат е недозволиво – вели Пешевски.

Директорката на УЈП Елена Петрова во интервју изјави дека заклучно со ноември минатата година околу 16.000 работници во просек добивале плата до 23.000 денари, што значи под законскиот минимум од 24.397 денари.

– И ние се прашувавме како воопшто преку системот на УЈП можело да помине исплата со плата пониска од законски загарантираната. Нашето убедување е дека софтверски не е можно некој на крајот од месецот да има нето-плата од 23.000 денари, без разлика на одбитоците. Одбитоците следуваат по поднесокот за платата – дали станува збор за извршители, алиментација или нешто друго – вели Пешевски.

Во однос на разните кршења на работничките права, Пешевски ги охрабрува работниците да ги пријават.

– Најголемиот дел од прекршувањата на работничките права се случуваат во приватниот сектор. Инспекциите излегуваат на терен, ги констатираат неправилностите и го задолжуваат работодавачот да ги отстрани и да ги исплати обврските. Во такви случаи, така е и со неисплатен регрес за годишен одмор, работодавачот не плаќа само казна, туку е задолжен и да го исплати регресот. Ако и по тоа не постапи, работникот има право на приватна тужба. ССМ обезбедува бесплатна правна помош и сè повеќе работници се охрабруваат да ги бараат своите права пред суд – вели Пешевски.

Тој вели дека проблеми има и во јавниот сектор.

– Евидентирани се неисплатени додатоци кон основната плата како прекувремени часови и минат труд, но и регрес за годишен одмор, дури и во државни претпријатија. Иако во голем дел од јавните институции регресот беше исплатен, има и такви што не го испочитуваа рокот, како ЈП „Национални шуми“, каде што немаат исплатено три години и работниците ќе тужат. Имаше многу прекршоци и во секторите Одбрана и Култура, многу тужби и добиени спорови – вели Пешевски.

Тој заклучува дека голем проблем е што работниците се малку синдикално организирани, само околу 20 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот