ВИДЕО: ССМ поднесе во Собранието иницијатива за намалување на функционерските плати за 80 проценти
Ако Уставниот суд ја прифати иницијативата на судиите и на обвинителите за одмрзнување на функционерските плати како што се случи во 2023 година, тогаш ќе мора да им се одмрзне и растот од 9,2 проценти за 2024 година, а дополнително ќе имаат зголемување и за 2025 година што допрва треба да се утврди. Во меѓувреме, иницијативата на ССМ за раст на минималната плата седи во фиока
Сојузот на синдикати денес во Собранието поднесе иницијатива за измени на Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица. Со тоа, како што велат од Синдикатот, побара од пратениците сами да поднесат законски измени, а доколку тие не го направат тоа, тогаш, според регулативата, ќе собрат 10.000 потписи од работниците и ќе добијат право сами да поднесат измени на Законот. Сојузот на синдикати бара, кога веќе пратениците не го гласаат Законот за раст на минималната плата, тогаш да се солидаризираат со работниците и да си ги намалат своите плати за 78 проценти, онолку колку што ги зголемија во април 2023 година.
Препорачано
Според јавно достапните информации на веб-страницата на Владата, нето-платата на премиерот Христијан Мицкоски е 140.450 денари, а на другите министри изнесува 115.540 денари, освен на министерот за внатрешни работи, кој има и дополнителен додаток од 24.885 денари. Според пресметките на Радио Слободна Европа, основата плата на пратениците во Собранието сега е 107.720 денари, но на тоа се додаваат стаж и разни други надоместоци.
– Сојузот на синдикати на Македонија, врз основа на член 71 од Уставот и правото кое ни е дадено, денеска достави иницијатива за измени и дополнувања на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Иницијатива е да се измени членот 11 од истиот закон и место како досега, основица за пресметка на плата на функционерите да биде просечната плата, да биде минималната плата. Дополнително бараме коефициентот на сложеност за утврдување на надоместокот на плата и на платите утврдени со овој закон, да се намали за 40 проценти, или тоа е вкупно 80 проценти намалување на платите на функционерите, затоа што тие безобразно не ги зголемуваат платите на работниците и ја чуваат иницијативата на ССМ во фиока, па минималната плата денеска ни е најниска не само во регионот, туку во Европа – рече претседателот на ССМ Слободен Трендафилов откако излезе од Собранието, држејќи ја иницијативата во рака со печат на неа, дека е примена во архивата на Собранието.
Тој потенцираше дека не смее да има дискриминација во однос на платите и дека Синдикатот не смее да биде уценуван со укинување одредби од Општиот колективен договор во јавниот сектор за што се очекува денес да има средба во Владата.
– Иницијативата што денес ја предадовме, пратениците имаат време да ја разгледаат и да ја стават на седница во вторник – рече Трендафилов.
Членот 11 на кој се повикува Синдикатот, овозможува секоја година платите на пратениците, на министрите и на сите други функционери, кои ги има околу 1.060, да растат секоја година. Затоа што основицата зависи од просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Во 2024 година за да нема енормно зголемување на платите на функционерите, веднаш по растот од 78 проценти, се намалија коефициентите. Инаку требаше платата да порасне за уште 15 проценти. Во 2025 година исто немаше раст, односно платите се замрзнаа. Но, како што вели Синдикатот, ако сега се одмрзнат, тогаш тие дополнително ќе пораснат.
– Судиите и обвинителите имаат доставено иницијатива до Уставниот суд, со која бараат да се укине Одлуката на Владата за замрзнување, како што беше и лани и преклани за да се спречи растот на платите на функционерите. Но, да потсетиме, Уставниот суд во 2022 година, по иницијатива на адвокат ги одмрзна платите на функционерите. Ако еднаш Уставниот суд донел таква одлука, зошто за 2023 година би можело, а не би можело за 2026 година? Со таа одлука се бара да се одмрзнат замрзнувањата во 2024, а тоа ќе важи и за 2025 година – рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Неодамна, гувернерот на Народната банка објави дека во 2024 година просечната плата се зголемила за 9,2 проценти. Податоци за раст на плата во 2025 година во однос на 2024 година, сè уште нема.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека одлука за тоа дали ќе ги замрзнуваат платите на функционерите во 2025 година, сè уште не е донесена и се чекаат статистичките податоци за просечната годишна плата за 2025 година што Државниот завод за статистика ја објавува во февруари.
– Минатата година донесовме одлука со која ги ограничивме платите на функционерите да не се зголемуваат како што се зголемуваат платите на сите други вработени во јавниот и во приватниот сектор. Ќе ја видиме ситуацијата и соодветно ќе постапуваме. Стоиме на ставот дека откако сме дојдени на власт, немаме донесено ниту една одлука за зголемување на платите на функционерите. Да се извадат податоците, па ќе донесеме одлука. Исто како што постапивме минатата година, ќе постапиме и оваа – изјави Дурмиши.


