Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕО+ФОТО | Работниците ѝ го свртеа грбот на Владата: Нашата борба продолжува!

Работниците побараа до крајот на идната недела пратениците да изгласаат зголемување на минималната плата. Пред Владата, симболично им го завртеа грбот, на оние, како што велат, што ним им го вртат грбот

Заврши вечерашниот протест на кој се собраа илјадници незадоволни работници, предводени од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Работниците бараат да се зголеми минималната плата на 600 евра и сите други плати за 6.000 денари.

Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, од пред Собранието порача дека работниците очекуваат пратениците да изгласаат зголемување на минималната плата.

„Една година пратениците одбиваат да донесат закон за зголемување на минимална плата. Многу лесно се паѓа од фотелја на работничко столче. Ако до крај на недела не изгласате закон за раст на минималната плата, ќе бидеме пожестоки. Ако вие не ги корегирате нашите плати, ние ќе дојдеме по вашите. Ќе побараме намалување за 80 проценти. А ви следи ново зголемување за 10 проценти. Вие ќе си ги зголемите платите за 200 евра, а работникот, кој ве гласал ќе го оставите без основни средства за живејачка“, рече Трендафилов.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Следното запирање беше пред Стопанската комора. Работниците ги „поздравија“ газдите на компаниите со громогласно „уаааа!“.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Да ги поздравиме нашите газди, нека нè гледаат на вести. Тука ќе бидеме и утре. За една година ни се зголемија трошоците за 6.000 денари. Не сме биле продуктивни. А тие се многу продуктивни – за поршиња и за одмори во Грција. Нека си продададат нешто. Ќе блокираме улици, ќе донесеме одлука за генерален штрајк во приватниот сектор, за првпат во историјата“, рече Иван Пешевски, потпретседател на ССМ за приватниот сектор.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Крајот на протестот беше резервиран за Владата. Од ССМ, во изминатиов период постојано повторуваа дека „Владата ги пуштила низ вода работниците“ со тоа што ја оставила одлуката за зголемување на минималната плата на работодавачите.
Од ССМ велат дека овој протест кој се одржа под мотото „28-ми Јануари е денот кога работниците зборуваат!“ е само почеток на работничкиот отпор против експлоатацијата на работничкиот труд.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Нас не нè собра политика, туку празни фрижидери, синдикална кошница од 65.000 денари што не може да си ја дозволиме. Вчера слушнав дека поради мене во јавниот сектор не се зголемија платите за 40 проценти. По една година преговарања, не ви личи такво нешто да кажувате. Ако требаше 100 договори ќе потпишавме, само да им заголемување на платите. Ова се наши пари. Им порачувам на овие позади: Рацете настрана од работниците и од синдикатите“, рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Ова всушност беше одговор на премиерот Христијан Мицкоски кој во телевизиско интервју рече: „Се водеа и преговори за зголемување на платите на административните службеници за 8 отсто годишно или реален раст за 40 отсто за 4 години, но тие преговори со репрезентативните синдикати пропаднаа бидејќи некој бил политички заробен“.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

На крајот од протестот, претседателот на ССМ Слободан Трендафилов ги повика работниците симболично да ѝ го свртат грбот на Владата.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Ако нема слух од спротивната страна и продолжи игнорантскиот однос и односот со потсмев кон работничката мака продолжуваме со блокади, продолжуваме со таргетирани институции и таргетирани локации каде што ќе ги блокираме како што не блокираат нас цела година. Продолжуваме со генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор. 24 часа ќе го блокираме општеството и ќе го блокираме системот кој е највиновен за моменталната состојба. Ќе собереме 10.000 потписи, ќе станеме овластен предлагач на закони како пратениците и ќе побараме да се изгласа намалување на нивните функционерски плати за 80% затоа што ќе ги зголемат за уште десет проценти и се разбира, ќе побараме да ја зголемат минималната плата на најмалку 600 евра и за 100 евра да ги зголемат сите останати плати на работниците. Револтот ќе продолжиме да го изразуваме и на улица и институционално, бидејќи оние на власт мора да разберат дека сиромашен им е народот и дека водат најсиромашна држава со најсиромашни работници“, рече Трендафилов.

ВИДЕО | Почна големиот протест: Илјадници работници стигнаа пред Работничкиот дом

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот