ВИДЕО | По две години научниците ja решија мистеријата за „златното јајце“ пронајдено на дното на океанот
Конечно е решена енигмата за мистериозното „златно јајце“ кое беше откриено на дното на океанот во близина на Алјаска пред повеќе од две и пол години. Необичниот пронајдок, извлечен од длабочина од 3.250 метри за време на експедиција на американската Национална океанска и атмосферска администрација (NOAA), со години ги збунуваше светските зоолози, пишува „Биорхив“.
Препорачано

Кога подморницата на далечинско управување првпат го сними објектот во 2023 година, тој изгледаше како златна купола со дупка, цврсто залепена за карпа. Научниците шпекулираа: Дали е ова лушпа од јајце на непознато суштество? Дали е мртов сунѓер? Дали нешто влегло во него или излегло од него?
По долготрајни анализи во Природнонаучниот музеј „Смитсонијан“, мистеријата е решена. Златната маса не е јајце, туку остаток од мртви клетки формирани на дното на џиновската длабокоморска анемона (морска саса) позната под латинското име Relicanthus daphneae.
Како се дојде до одговорот?
Идентификувањето беше сложен процес кој бараше генетска анализа и биоинформатичка експертиза. Првичните ДНК тестови беа нејасни, но секвенционирањето на целиот геном потврди дека објектот содржи огромно количество генетски материјал токму од овој вид анемона. Клетките пронајдени во „јајцето“ се идентификувани како спироцисти, специфични за оваа група морски организми.
„Често во истражувањата на длабоките океани наоѓаме вакви фасцинантни мистерии. Со напредните техники како секвенционирање на ДНК, успеваме да решиме сè повеќе од нив“, изјави капетанот Вилијам Мовит од NOAA.

Ова откритие уште еднаш потврдува дека светските океани се последната голема неистражена граница на Земјата, каде секој пронајден предмет може да биде клуч за разбирање на еволуцијата и животот во екстремни услови.


