ВИДЕО | Октомври, месец посветен на борбата против ракот – инспиративна приказна на Николинка

Октомври е месец  посветен на борбата против ракот. Оваа борба Николинка Котевска ја водела четири пати. Од 2008 година четири пати е оперирана од карцином. По сите операции успешно закрепнувала, но ракот или како што го нарекува самата „проклетникот“ повторно се појавувал. Веќе неколку години живее без карцином, а долго време е дел од здружението „Борка“ . Таа денеска во „Утрински брифинг“ ја раскажа нејзината тешка животна приказна, со цел да ги охрабри луѓето кои во овој момент се соочуваат со некоја тешка дијагноза.

– Во 2008 година се оперирав од карцином на тироидната жлезда, а една година подоцна и од карцином на ларингот. Истата година се оперирав и од рак на дојка. Најтешка ми беше операцијата на ларингот, носев канила и не можев да зборувам. Комуницирав преку пишување, тоа ми беше најтешкиот период во животот. За среќа по три  месеци гласот ми се врати, вака ја започнува својата животна приказната Николинка.

Иако од Здружението „Борка“ психички ја подготвиле за тешкиот пат што треба да го помине, таа сепак тешко го поднесла губењето на косата. Откако се изборила со трите карцинома и помислила дека тешката болест ја оставила зад себе, во 2016 година, и нејзиниот сопруг се разболел од рак.

– Сопругот од рак почина во 2017 година. Од стрес добив и рецидив. А пред тоа добив мозочен удар, дијабет и блокада на срцето. Тоа беше причина и што ниту еден анастезиолог не сакаше да ме оперира со анестезија. За среќа рецидивот беше поткожен, не беше лимфоиден. Ме оперираа со локална анестезија. Бев среќна што добро заврши, но бев и лута, си велев „Господе, после сите мои блиски што починаа од рак, поштеди ме барем мене, смилувај се на моите три ќерки“, раскажува Николинка.

Карциномот  уште млада, на 26 години ја оставил Николинка вдовица, откако и првиот сопруг починал од оваа болест, а од карцинот починал и нејзиниот брат.

Вели, придржувањето кон советите од лекарите, но и љубовта и поддршката од најблиските и помогнале во сите четири борби со ракот, таа да биде победникот.

– Најважни се редовните контроли. Здравјето на секого треба да му биде пред се’. Јас сите контроли, за тироиидната жлезда, за ларингот и за дојката ги извршувам редовно. Сепак, ситуацијата со пандемијата ми ги отежнуваше контролите, посебно во периодот кога болниците беа пренаменети во ковид центри, вели Николинка.

Таа ги охрабрува болните од рак да не се плашат и да бидат позитивн.

– Нека знаат сите дека и после ракот има живот, и тоа убав живот, завршува Николинка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот