ВИДЕО: Огромен пожар избувна во Тирана, магацини гореа — постои страв дека се полни со плински боци
Голем пожар избувна на пазарот „5 Мај“ во Тирана вчера попладне. Пожарот зафати повеќе магацини, а пламените јазици загрозуваа и неколку бизниси во близина на пазарот, објави „Албанијан пост“.
Препорачано
Како последица на пожарот, се појави и второ жариште, што дополнително го отежнува управувањето со ситуацијата.
За интервенција на пожарот пристигнаa две противпожарни возила и 12 припадници од Командата на Копнените сили. Првично бea испратени 60 противпожарни сили и 11 возила. Од вчера на местото на настанот беа испратени уште дополнителни 30 противпожарни сили, како и шест возила.
На терен беа присутни и бројни припадници на албанската полиција.
Причините за пожарот засега не се познати. Пријавена е голема материјална штета, но засега нема информации за повредени луѓе. Дел од жителите од околината се евакуирани.
Полицијата, според информациите, го проширува безбедносниот периметар бидејќи постои сомнеж дека во магацините има и плински боци. Станува збор за повеќе од 50 магацини во просторот зафатен од пожарот.
Префектот на Тирана, Африм Ќендро, изјави дека гаснењето на пожарот е тешко бидејќи противпожарните сили се недоволни.
– Имаме масивен пожар кај поранешната фабрика „Динамо“. Во еден прилично голем магацин работат 11 противпожарни возила и 60 полициски сили. Целиот противпожарен состав од Тирана и Камза е присутен. Водните цистерни на општината се на пат за снабдување со вода. Се обидуваме да го спречиме ширењето кон задниот дел од магацинот и да го заштитиме објектот. Станува збор за голем магацин во кој работат неколку бизниси. Засега таму има облека и други материјали кои не се опасни – изјави Ќендро.
Според него, побарана е помош од Елбасан, Вора и од противпожарните единици на Армијата.
ВИДЕО | Голем пожар ја зафати фабриката „Комодита“ во Косово


