ВИДЕО | Голем пожар ја зафати фабриката „Комодита“ во Косово
Огромен пожар вчера го зафати објектот на фабриката „Комодита“ во градот Ѓаковица во Косово.
Препорачано
Густиот чад и огнените јазици можеа да се видат оддалеку, а на терен беа распоредени сите расположливи екипи за итни интервенции.
Портпаролот на Косовската полиција за регионот на Ѓаковица, Шеремет Елезај, за медиумот „Сињали“ потврди дека дојавата за огнената стихија пристигнала околу 16:40 часот.
„Полициските единици и пожарникарите веднаш излегоа на лице место и ги преземаат сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на пожарот. Огнот е со големи размери и екипите за итни случаи продолжуваат со работа за да ја стават ситуацијата под контрола“, изјави Елезај.
Пожарот избувнал во објектот лоциран на улицата „Ѓерѓ Соколи“.
Според првичните информации од полицијата, до овој момент нема пријави за повредени лица. Сепак, Елезај потенцираше дека целосната верификација на ситуацијата и евентуалните последици по луѓето ќе можат да се утврдат дури откако пожарот ќе биде целосно изгаснат.
Утрово се огласија и од „Комодита Хоум“, од каде потврдија дека вчера попладне дел од нивната фабрика во Ѓаковица беше зафатен од пожар.
За среќа, велат дека работниците биле евакуирани на време и никој не бил повреден.
„Почитувани, денес на 08 јануари, 2026 година во попладневните часови дел од фабриката на „Comodita Home“, во Ѓаковица, Косово, беше зафатена од голем пожар. Најважно, во пожарот нема повредени и настрадани благодарение на брзата реакција на надлежните. Вработените кои се најдоа на своите работни места беа веднаш евакуирани. Полициските екипи и противпожарните единици вложија големи напори за да го локализираат пожарот и да ги спречат понатамошните штети. Причините за пожарот сè уште не се утврдени, а во моментов не е можно да се направи проценка колкава е вредноста на материјалната штета“, соопштија од компанијата.


