ВИДЕО | „Одете си дома“ – жители на Гренланд протестираа пред конзулатот на Америка
Стотици жители на Гренланд се собраа пред новиот американски конзулат во главниот град Нук, со цел да искажат незадоволство против амбициите на Доналд Трамп за поголемо влијание врз островот, пишува Би-би-си.
Препорачано
„САД, одете си дома“ и „НЕ значи НЕ“, извикуваа демонстрантите.
Демонстрантите, исто така, носеа натписи на кои пишуваше „Не ги сакаме вашите пари“, додека гостите во новоотворениот дипломатски објект во центарот на Нук присуствувале на прием по повод новото проширување на конзулатот.
„Целта е американскиот народ да сфати дека дека Гренланд е демократска држава. НE значи НЕ“, рече еден од организаторите на протестот.
Друга демонстрантка посочила дека „чувствуваат страв од САД“.
„Луѓето штотуку почнаа да се опоравуваат од претходниот пат, кога сè почна во јануари“, рече таа, осврнувајќи се на изјавите на Трамп дека САД би сакале да го „поседуваат“ Гренланд.
Проширениот конзулат е дел од напорите на САД за зголемување на своето дипломатско и стратегиско присуство во Гренланд, полуавтономна територија во рамките на Кралството Данска, поради континуираниот интерес на претседателот Доналд Трамп за арктичкиот остров.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, одби да присуствува на церемонијата на отворање, а неколку други официјални претставници, исто така, го пропуштија настанот бидејќи односите со Вашингтон и понатаму се затегнати. Законодавците, исто така, јавно ги одбија поканите за конзулатскиот настан, наведувајќи ја како причина политичката клима.
Амбасадорот на САД во Данска, Кен Хауери, рече дека САД ја исклучиле употребата на сила и нагласи дека за иднината на Гренланд мора да одлучат жителите на Гренланд.
И покрај тие гаранции, отворањето го истакна растечкото јавно противење и политичката вознемиреност против американското присуство на островот.
Трамп пак го мерка Гренланд: „Тоа е големо и лошо управувано парче мраз!“


