
ВИДЕО | Најнеобичниот мост на светот: Не е кружен тек, а по него се вози во круг, на многумина не им е јасно зошто
Мостот што ги поврзува бреговите на лагуната Гарзон во Уругвај можеби е најнеобичниот во светот. Иако беспрекорно ја извршува својата функција, многу луѓе се изненадени од неговата форма. Имено, наместо да ја мине лагуната по најкраток можен пат, односно права линија, овој мост поминува над лагуната правејќи круг.
Препорачано

Сообраќајот на кружниот мост не е организиран како во кружен тек, туку едноставно има две ленти, по една за секој правец. По пристигнувањето до мостот лентите се одвојуваат и откако ќе опишат полукруг, повторно се спојуваат и продолжуваат паралелно.
Зошто (во) круг?
Необичен и „фотогеничен“, овој мост ги воодушевува корисниците на социјалните мрежи веќе една деценија, а секогаш има некој кој со рачно исцртана црвена линија низ фотографијата сугерира дека мостот и да е прав би ја преминал лагуната.
Мостот го проектирала компанијата „Рафаел Вињоли архитектс“ имајќи неколку цели на ум. Првата, се разбира била да им се овозможи на автомобилите брзо да ја преминат лагуната. Пред да се изгради мостот, тоа се изведувало со помош на моторизирани „скели“ кои можеле да сместат само едно возило, така што доаѓањето до другата страна на лагуната било многу побавно и покомплицирано.

Втората цел била да се зачува биолошката разновидност, а кружната форма се покажала како добро решение. Имено, прстенестата сенка на мостот на овој начин цел ден се поместува со Сонцето, а ако структурата била полна во средината, дел од лагуната под мостот постојано би бил без светлина. Лагуната Гарзон е исто така област со големо орнитолошко значење, дом на бројни видови птици, вклучувајќи го и чилеанското фламинго, како и загрозените водоземци како што е Дарвиновата жаба.
Третата причина зошто овој мост е кружен е безбедноста. Излегувањето од пристапниот пат во огромна кривина ве принудува да забавите, додека рамниот, чист пат придонесува многумина да ја притиснат педалата за гас до дното.

И, конечно, иако на возачите баш не им се допаѓа, патниците повеќе ќе уживаат во погледот на лагуната кога возат со помала брзина.
Изградбата на овој атрактивен мост, која чинела повеќе од 10 милиони евра, започнала во септември 2014 година, а мостот беше отворен за јавноста на крајот на 2015 година. Изработен е од повеќе од 450 тони железо и три и пол илјади кубни метри бетон. Дијаметарот на прстенот е 202 метри, а мостот е доволно висок за под него да може непречено да се плови.
Освен што ги поврзува уругвајските региони Роча и Малдонадо, мостот Лагуна Гарзон стана вистинска туристичка атракција, како и омилено место за рекреација за жителите кои сега можат да пешачат, да возат велосипед и да уживаат во буквално 360 степени панорамски поглед над лагуната.