ВИДЕО | Езерото „Младост“ повторно е полно со мртви растенија, во водата нема растворен кислород
Само една недела откако градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, преку социјалните мрежи се пофали дека езерото Младост е исчистено од наслаги и дека ревитализацијата на акумулацијата дава резултати, водата повторно е полна со мртва растителна маса која плови на површината на езерото.
Препорачано
Во заливот, на вливот на Отовичка река во езерото, повторно се појави мртвата растителна маса која плови на површината на водата, објави Дума.мк. Засега количините се мали, но се чини дека се зголемуваат. Отпадниот растителен материјал во езерото доаѓаат преку Отовичка Река.
На самото место кај заливот се шири смрдеа на фекалии, отворени канализациони цевки има во речното корито на Отовичка, пишува Дума.мк.
При последното испитување на Центарот за јавно здравје во Велес, водата во Младост, според микробиолошките индикатори, е со лош квалитет, но останува истото предупредување дека водата од езерото не смее да се користи за капење, полевање и рекреација зашто на површината има пивтиеста маса и сунѓерести наслаги. Пред тоа е потребно да се испита дали има цијанотоксини.
Но, и покрај тоа што ова предупредување од ЦЈЗ се повторува една година, досега не е испитано дали има цијанотоксини, иако тоа во српскиот Центар за јавно здравје во Белград чини 110 евра.
Според извештајот на Хидробилошки завод Охрид, кој по нарачка на ЈПВ „Лисиче“, направи нови испитувања, објавен на 20 октомври 2025, водата во акумулацијата е со „лош квалитет“ и квалификувана како четврта и петта класа, односно присуството на колиформни бактерии и фекалното загадување укажуваат дека системот е во сериозна состојба.
Покрај тоа, езерото е контаминирано со амонијак и со други токсични материи, што дополнително ја влошува еколошката ситуација.
„При теренскиот увид, визуелно на површината на акумулацијата се забележуваат густи, слузави наслаги кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата. Ваквата состојба најмногу е изразена кај Отавички залив каде што беше целосно покриена површината на водата. Вредностите за физичко-хемиските и микробиолошките параметри, според Уредбата за категоризација на води, генерално укажуваат на квалитет на вода од III до V класа, состојба што укажува на фактот дека имаме интензивен процес на еутрофикација, односно стареење на екосистемот и тоа под интензивно антропогено влијание. Генерално може да се констатира дека за сите истражувани локалитети се евидентирани значително високи вредности за содржината на органските биоразградливи материи, како и за концентрациите на нутриентите (вкупен азот и вкупен фосфор), што секако укажува на органско и нутриентно загадување на овој езерски систем“ стои во заклучокот на извештајот..
Во примерокот колекциониран од најдлабокиот слој на Акумулацијата, односно од 13 метри длабочина, не е евидентирано присуство на растворен кислород, што воедно претставува и основна причина за нецелосна деградација на органската материја присутна во подлабоките езерски слоеви. Отсуството на кислород во езерото претставува голема опасност по живиот свет што живее во него (и растителен и животински) и основна причина за негово изумирање и исчезнување од овој екосистем.
Присуството на вкупните колиформни бактерии и индикаторите за фекално загадување, како и вредностите за органско загадување, укажуваат на антропогено влијание. Во склоп на тоа и високите температури (сушни периоди) придонесоа за свапорација и намалување на нивото на езерото, а единствениот извор на вода (Отавичка Река), без вода“, стои во заклучокот на извештајот.


