ВИДЕО | Мажот што ѝ украде необјавена музика и лични предмети на Бијонсе осуден на две години затвор
Мажот кој провали во автомобил и украде хард-дискови со необјавена музика на Бијонсе е осуден на две години затворска казна. Келвин Еванс (41) ја призна вината за обвиненијата кои вклучуваат провала во возило и неовластен влез на имот во Атланта, Џорџија. Покрај затворската казна, судијата му одреди и дополнителни три години условна казна, пренесува „Би-би-си“.
Препорачано
Инцидентот се случил на 8 јули 2025 година, непосредно пред концертите на Бијонсе во Атланта како дел од нејзината турнеја „Cowboy Carter“. Еванс провалил во изнајмено возило кое го користеле кореографот Кристофер Грант и танчарот Диандре Блу. Меѓу украдените предмети биле и два лаптопи, слушалки, луксузна облека и додатоци, хард-дискови за кои истражителите велат дека содржеле необјавен материјал од Бијонсе и лични чувствителни информации кои ѝ припаѓале на пејачката.
Обвинителството презентираше снимки од надзорните камери на кои се гледа возилото на Еванс до изнајмениот автомобил, како и снимки каде тој ракува со куферите на жртвите пред еден станбен блок. Лаптопите имале технологија за следење која ги лоцирала токму на таа адреса.
Иако Еванс е осуден, истражителите досега не успеале да ги вратат украдените хард-дискови ниту останатите предмети. Како дел од пресудата, на Еванс му е наредено да не им се приближува на жртвите, ниту на паркингот каде што се случила кражбата.


