ВИДЕО: Кошаркарите на Реал Мадрид се новите европски шампиони
Кошаркарите на Реал Мадрид во финалето на Фајнал-фор турнирот во Евролигата во литванскиот град Каунас со 79:78 го совлада Олимпијакос. За шпанскиот клуб ова е 11 титула шампион на Европа, а грчката екипа останува на три.
Препорачано
Во поголемиот дел од мечот Реал беше во негатива, во текот на првата четвртина Олимпијакос имаше највисоки „плус 12“ (24:12). Се врати мадридскиот гигант во вториот период кој го освои 28:21 и на пауза се замина со нерешени 45:45.
И во третата четвртина доминираа играчите на Олимпијакос, неколку пати водеa со пет поени позитива (57:52, 59:54), а пред последните 10 минути на семафорот стоеше 63:59 за Грците.
Oлимпијакос имаше и натаму контрола на резултатот, водеше до самиот финиш (78:72), но не се предаваше составот на Чус Матео, по што следуваше низа поени на Реал што се покажа како клучно за крајниот епилог. Во последниот напад Шпанците реализираа поени преку Серхио Љуљ за радост кај неговите соиграчи и навивачите на клубот.
„Кралевите“ беа предводени од Серхио Родригез со 15 поени, Волтер Таварес постигна 13 поени, воедно запиша и 10 скока. На спротивната страна недоволни беа 29-те поени на Бугаринот Александар Везенков (девет скока), следен од Американецот Ајзеа Кенан кој реализираше 21 кош.
Претходно во борбата за третото место Монако триумфираше над Барселона со 78:66.


