ВИДЕО | Кога ќе те прободи Аморова стрела: Песни инспирирани од голема, вистинска љубов

Ејми Вајнхаус и Блејк Филдер-Сивил | Џоан Баез и Боб Дилан | Пети Бојд и Џорџ Харисон / Фото: Profimedia

Најдобрите љубовни песни обично се инспирирани од чувства кои некогаш се вистински, а некогаш и измислени. Сепак, има нешто многу посебно во љубовните песни кои во себе носат вистински приказни.

Некои од најголемите љубовни песни на сите времиња се напишани за вистински луѓе, вистински врски и луѓето ги сакаат зошто во нив има вистински емоции пренесени во музика и текст.

Ова се неколку песни кои се инспирирани од вистински љубовни приказни.

1. Џоан Баез – „Diamonds And Rust“

Во песната „Diamonds And Rust“ Џоан Баез раскажува за еден неочекуван телефонски разговор во 1974 година од поранешен љубовник. Во текстот на песната Баез се сеќава на времето кога му подарила на својот љубовник манжетни, алудирајќи на тоа дека спомените со себе носат „дијамaнти и ’рѓа“.

Поранешната љубов на Џоан бил Боб Дилан, кој со телефонскиот повик ѝ ги разбудил затаените чувства кон него, кои таа ги преточила во песната „Diamonds And Rust“.

2. Боб Дилан – „Sara“

Кога веќе зборуваме за Боб Дилан, тој не само што самиот бил инспирација за љубовни песни, исто така и пишувал песни љубовни песни со вистински приказни.

Една од тие песни е „Sara“ која ја напишал за Сара Лаундс, која го освоила неговото срце и подоцна му станува жена, а тој во песната ја опишува како „жена која е толку лесно да ја гледаш, но толку тешко да ја дефинираш“.

Боб Дилан ја напишал оваа автобиографска песна во периодот кога се разделувал од тогашната Сара Дилан.

3. „Битлси“ – „Something“

Џорџ Харисон немал многу прилики да блесне како што имаа Пол Макарни и Џон Ленон од „Битлси“, но сигурно е дека блеснал со оваа песна.

Иако Џорџ јавно изјавил дека инспирација за песната е Кришна, сепак, неговата сопруга Пети Бојд во својата биографија тврди дека песната е напишана за неа.

4. Ерик Клептон – „Wonderful Tonight“

Пети Бојд по сѐ изгледа дека била инспирација за повеќе музички легенди. По бракот со Џорџ Харисон, таа се мажи за уште една рок легенда, Ерик Клептон. Не многу жени можат да се пофалат со тоа дека биле инспирација на две од најголемите музички имиња во светот.

Клептон ја напишал песната „Wonderful Tonight“ за Пети додека ја чекал да се подготви за забавата на Пол и Линда Мaкартни.

5. „Флитвуд Мек“ – „Go Your Own Way“

Прилично сигурно е да кажеме дека која било песна што ја напишале Стиви Никс или Линзи Бекингем во 70-тите и 80-тите е поврзана со нивната страсна романтична врска.

Сепак, на крајот тоа била непоправлива врска која никако не можела да се спаси. Нивната љубов завршила во 1976, а песната е напишана во тој период кога тие сѐ уште комуницирале, но често комуникацијата знаела да премине во карање и врескање.

6. Ејми Вајнхаус – „Back To Black“

Осудена на пропаст врската помеѓу Ејми Вајнхаус и Блејк Филдер-Сивил е една од најтажните приказни во подоцнежната музичка историја. Парот бил во огромна љубов, но за жал, биле крајно деструктивни еден кон друг. Многумина мислат дека токму Блејк бил тој кој ја внесол Ејми во „светот на дрогата“, а тоа на крајот резултираше со трагично завршување на нејзиниот живот.

Оваа песна е интимна исповест на Ејми за депресијата предизвикана од крајот на љубовната врска со Блејк, само неколку години пред таа прерано да нѐ напушти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот