ВИДЕО | Кина тестираше вселенско летало со кое се надева дека ќе ги испрати првите Кинези на Месечината
Кина го спроведе првиот тест на вселенско летало наменето за слетување на астронаути на Месечината, објави Агенцијата за човечки вселенски летови (CMS), нагласувајќи дека тоа е клучна пресвртница во планот за слетување на првите кинески астронаути на Месечината пред 2030 година.
Препорачано
Тестот е спроведен во покраината Хебеј на специјално подготвен терен кој ја имитира површината на Месечината покриена со карпи и кратери, со рефлективен слој сличен на месечевата почва. За време на верификацијата, системите за слетување и полетување на лендерот се проверени под различни услови на работа, објави „Ројтерс“.
Лунарното возило, наречено Ланџуе, што на мандарински значи „да се прегрне месечината“, е дизајнирано да транспортира астронаути помеѓу лунарната орбита и површината на Месечината. Исто така, ќе служи како простор за живеење, извор на енергија и центар за собирање податоци за време на престојот на Месечината.
Кина веќе успешно спроведе повеќе беспилотни мисии во последните пет години, вклучително и собирање примероци и од блиската и од далечната страна на Месечината.
Доколку успешно изврши слетување со екипаж, Кина планира да развие „основен модел“ на Меѓународната лунарна истражувачка станица до 2035 година, во соработка со Русија. Планираната база би вклучувала и нуклеарен реактор како извор на енергија.


