ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Катарина Ивановска: Слабост ми е верувањето во погрешни луѓе

Катарина Ивановска -топ модел / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Со својата висина од 1,80 см, со единствен шарм и харизма, а богато модно портфолио, Катарина Иваноска е своевиден македонски бренд.

Сончево попладне, во просториите на нејзиниот дом, во нејзин стил, со кратко-горко еспресо, приказни и смеење, го започнавме интервјуто…

Катарина Ивановска – модел / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Катарина ја започна манекенската кариера во 2004 година, појавувајќи се на Модната недела во Милано, откако победи на Меѓународното избор на модели на „Лук моделс“ (Look Models) во Македонија.

Во декември 2004 година, таа се појави во модното списание „Ел“, како и во „Ситизен К“, „Стилето“ и италијанските и руските изданија на „Вог“.

Покрај успесите во светот на модата, Катарина може да се пофали и со значајна актерска улога. Во 2012 година доби улога во филмот „Трето полувреме“, каде што ја играше Ребека, девојката на главниот лик.

Во ова интервју ќе се запознаеме поблиску со Кики, прекарот на Катарина, кој го преземала од постарата сестра Кристина.

Нејзините пријатели ја препознаваат по јадењето џимиринки и сланина.  Телото и духот ги одржува со вежбање пет пати во недела, а не е љубител на блага храна. Во моментот не може потполно да се посвети на професијата, бидејќи двете деца ѝ се приоритет, а воедно се грижи и за домот.

Кога ја прашав за тајните на модната индустрија, Катарина рече: 

„Не е сѐ така гламурозно како што изгледа, затоа што вие го гледате само оној, пет минути гламур, или на модна ревија, или на некоја фотографија која ја листате, а зад тоа е – хаос.“

По многу снимени едиториали, безброј стајлинзи, ревии на висока мода, сепак, својот стил на облекување го опишува како многу едноставен и практичен, лежерно – спортски. Таа не ја гледа модата како пасија и не следи модни трендови.

Катарина Ивановска -топ модел Фото: ”Слободен печат” / Агнеса Чаволи

Нејзината силна страна е карактерот. Таа е добар пријател и добар слушател. А нејзина слабост, пак, е верувањето во погрешни луѓе, бидејќи е комуникативна и дружељубива.

Зборувајќи за своите интереси надвор од модната индустрија, Катарина го издвои готвењето.

„Сѐ готвам, манџи… знам и лепче да испечам, да замесам, знам да испечам риба… мислам дека скара не сум пробала. Но, сѐ правам… паста, сѐ, сѐ,… следниот пат може да ми дојдете на ручек“, вели Катарина за „Слободно со Агнеса“.

Покрај готвењето, нејзината дневна рутина опфаќа носење на децата во градинка, вежбање, сѐ до 12 на пладне. Таа не може да го замисли животот без синот Вања и ќерката Кира. 

„Сега, по пандемијата, не работам толку многу и не патувам, така што, речиси сум ‘фул-тајм’ посветена мајка. Работата, за жал, малку е ставена на пауза.“

Себеси се опишува како педантна, дисциплинирана и емотивна. Иако, како што вели таа, никој не би поверувал дека е емотивна. Катарина има околу 13 тетоважи. Кога е во прашање физичкиот изглед, вели дека најомилен дел ѝ се очите.

 

Катарина Ивановска – модел / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Ужива во секаква музика и во горко еспресо… За музиката вели дека е прилагодлива и дека слуша секаков жанр.

„Јас сум човек што може да оди на концерт од Роби Вилијамс, Северина, па до ‘Депеш mод’ или, пак, на некоја журка. Така што, слушањето музика зависи многу од моето моментално расположение.“

 

Погледнете го целото видео-интервју на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот