ВИДЕО: Канје ѝ подари на Ким холограм од нејзиниот татко, кој почина пред 17 години
Познатата ријалити ѕвезда била многу приврзана за нејзиниот покоен татко, а нејзиниот сопруг сега и дозволи на некој начин повторно да го види.
Ким Кардашијан минатата недела го прослави својот 40-ти роденден, обележувајќи го со внимателно испланирано патување на приватен остров со членови од семејството и пријателите.
Старлетата доби многу интересни подароци, но нејзиниот сопруг Канје Вест даде се од себе за да го разубави нејзиниот роденден, па ја изненади Ким со холограмот од нејзиниот покоен татко.
Кардашијан го сподели видеото на Инстаграм и напиша:
– Тој е толку реален, го гледав повторно и повторно, полна со солзи и емоции. Не можам да опишам колку им значи на моите сестри и мене, мојот брат, мајка ми, моите пријатели што го доживеавме ова заедно. Ти благодарам, Канје, за сеќавањето да го цениме засекогаш.
Холограмот на покојниот Роберт Кардашијан раскажува за тоа колку е горд на успесите на Ким, што сака да ги следи неговите стапки и да стане адвокат и дека е мајка на четири деца. Тој и го честита роденденот, а потоа танцува на песна што ја пееле тој и Ким кога таа била мала и ја слушале додека ја возел до училиште.
– Продолжи да го правиш тоа што го правиш, Кимберли. Ти си убава душа. Знај дека сум многу горд на тебе и дека сум секогаш со тебе, вели тој на холограмот.
На социјалните мрежи може да се прочитаат коментари дека Канје сепак претерал и дека подарокот е малку бизарен, додека има многу кои сметаат дека Ким не можела да добие подобар подарок.