ВИДЕО | Иднината на земјоделството — хуманоидни роботи работат на кинески плантажи за чај
Роботите поминаа долг пат, од лабораториски демонстрации и спортски арени, сега стигнаа и до плантажите за чај. Тимови што учествуваат на Светските игри на хуманоидни роботи 2026 година започнаа необичен предизвик на плантажите во кинеската покраина Фуџијан, на југоисточниот брег на земјата, пренесува „Еуроњуз“.
Препорачано
Првата фаза од штафетниот предизвик наречен „Пренос на енергија“ официјално започна на 10 мај во округот Фудинг, еден од најпознатите региони за производство на прочуениот бел чај.
Наместо во контролирани лабораториски услови, роботските тимови беа поставени директно на тешко пристапни плантажи и во погони за преработка. Таму, рамо до рамо со локални експерти, учествуваа во целиот процес на производство.
Задачите за хуманоидните роботи беа исклучително сложени. Тие мораа да препознаваат и берат листови чај, да пренесуваат товар преку стрмни и нерамни планински терени, да ги распоредуваат листовите на сонце за сушење, а потоа да учествуваат и во завршните фази на обработката, вклучувајќи пржење и пресување на чајот.
Според извештај на кинеската телевизиска мрежа, овој проект бил замислен како практичен теренски тест за собирање важни податоци за развој на вештачка интелигенција за општа намена.
Теренот во Фуџијан претставувал сериозен предизвик за машините. Стрмните падини и каменестото тло ја тестирале нивната рамнотежа и подвижност, додека различните облици и степенот на зрелост на листовите биле голем предизвик за системите за визуелно препознавање. Дополнително, чувствителниот процес на берење ги ставил на тест и способностите на роботските раце.
Овој настан се надоврзува на успехот на првата манифестација одржана во 2025 година и е дел од пошироката стратегија на Кина за тестирање на хуманоидни роботи во реални животни и работни услови, а не само за технолошки демонстрации.
Колку е значаен овој проект покажува и фактот што претходните игри привлекоа 280 тимови и повеќе од 500 хуманоидни роботи од 16 држави ширум светот. Со ова Кина испраќа јасна порака дека роботите повеќе не се научна фантастика, туку постепено стануваат неизбежен дел од работната сила во земјоделството.


