Гордон Ремзи / Фото: EPA/NIC BOTHMA

ВИДЕО | Гордон Ремзи за малку ќе поврател во „Мастершеф“ — нашол искористен фластер во сендвичот

Гордон Ремзи, кој зад себе има безброј кулинарски кошмари, доживеа уште една сцена што сигурно долго ќе ја памети. Славниот готвач и телевизиски судија останал шокиран откако во храната што му била послужена пронашол крајно одвратен предмет, по што не успеал да ја сокрие реакцијата и веднаш почнал да пцуе, пренесува „Лед бајбл“. Ремзи моментално е судија во 16-тата сезона на американското издание на „Мастершеф“, кое оваа година има поинаков концепт.

Натпреварувачите, кои се надеваат дека ќе ги импресионираат судиите Гордон Ремзи, Џо Бастијанич и Тифани Дери, се борат за титулата „Мастершеф“, трофејот и главната награда од 250.000 долари.

Новата сезона, наречена „Мастершеф: Глобален предизвик“, ги дели учесниците во 4 светски региони — Европа, Азија и Пацификот, Африка и Америка.

Во најновата епизода натпреварувачите требало да подготват јадење соодветно за спортски стадион, кое истовремено ќе го претставува и нивното културно наследство, во пресрет на Светското првенство во 2026 година.

Поранешната манекенка Нора, 35-годишна натпреварувачка која ја претставувала Африка, подготвила сендвич со пикша (вид риба) и маакуда (мароканска пита от зеленчуци), со чермула (марокански сос од свежи билки) мајонез и медитеранска салата.

Но, покрај состојките, во сендвичот по грешка завршил и уште еден несакан „додаток“, што речиси го натерало Ремзи да поврати.

За време на готвењето Нора признала дека е „под огромен притисок“ и дека „трчала наоколу како кокошка без глава“.

„Трчам по домати, па се враќам по маслинки“, изјавила таа. „Мозокот едноставно не ми функционира.“

Набргу потоа си го исекла прстот со ножот додека ги сечкала состојките, па од медицинскиот тим добила фластер и продолжила со подготовката.

„Се случуваат премногу работи, хаос е низ целата кујна, никој не сака прв да испадне од натпреварувањето“, рекла Нора.

Но хаосот продолжил. Подоцна повторно морала да го повика медицинскиот тим за да каже дека го изгубила фластерот, а потоа и ја изгорела раката.

Додека чекала судиите да ја пробаат храната, Нора рекла:

„Чувствувам огромен притисок затоа што немав доволно време убаво да ја средам чинијата. Но сум сигурна во вкусовите. Никогаш не знаеш, секогаш има неочекувани пресврти.“

И токму тоа се случило.

Тифани Дери забележала дека презентацијата на јадењето е „збунувачка“, додека Ремзи веднаш земал залак од сендвичот. Само неколку моменти подоцна, Дери забележала нешто што никако не требало да се најде во чинијата — употребениот фластер на Нора. Ремзи веднаш почнал да кашла и да плука од згрозеност, а шокиран извикал:

„Сега јадеме и фластери? Што по ѓаволите се случува?“

Нора веднаш се извинила за огромниот пропуст и признала дека изгубила еден од фластерите што ги добила за заштита на исечениците.

„Мислев дека паднал на подот“, рекла таа.

Но штетата веќе била направена.

„Завршив“, рекла Дери. „Искрено, не знам како да продолжиме понатаму. И онака имаше многу проблеми со јадењето… а потоа пронаоѓаме и фластер?“

Нора на крајот била елиминирана од натпреварувањето, но изјавила дека и покрај огромната грешка, сепак е горда на својот настап.

„Му послужив фластер на Гордон Ремзи, што друго можев да очекувам? Освен фластерот, не бев задоволна од тоа како го подготвив јадењето, но сепак сум горда на себе“, изјавила таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот