ВИДЕО: Еурофарм Пелистер тесно поразен од ПСЖ на стартот од Лигата на шампионите
Во првото коло од новата сезона во ЕХФ ракометната Лига на шампионите екипата на Еурофарм Пелистер загуби со 31:29 од ПСЖ во Париз.
Актуелниот македонски првак се претстави во одлично издание против силниот француски тим.
Домаќините имаат предност од 18:13 по првото полувреме, а во второто подобри беа играчите на тренерот Бранислав Ангеловски (16:13), и на крајот беа поразени со само два голови разлика.
Битолчани водеа на стартот неколку пати минимално со 1:0, 2:1, 3:2 и 4:3, потоа следуваше серија на ПСЖ за 8:5, па одржуваше четири голови разлика, а највисоката „плус пет“ ја оствари пред самата пауза.
Од стартот на вториот дел Французите уште повеќе ја зголемија предноста, стигнаа и до „плус осум“ (25:17). Следуваше низа од погодоци на Еурофарм Пелистер за намалување на големата негатива на само „минус два“ (28:26). Пред финишот се стигна и до „минус еден“ (30:29), на крајот ПСЖ ја потврди победата со уште еден погодок.
За Еурофарм Пелистер најефикасен беше Ф. Кузмановски со осум голови, а на спротивната страна К. Шипжак реализираше 11 погодоци.
Во останатите дуели одиграни во средата: Алборг – Нант 38:31, Колстад – Барселона 30:35 и Спортинг – Висла Плоцк 34:29.