ВИДЕО: Дали Специјалниот суд во Хаг ќе успее да го докаже тоа што не и успеа на Карла Дел Понте, еве што велат косовските аналитичари

Пред само една недела косовската полиција заедно со полицијата на ЕУЛЕКС ги уапси и ги депортираше во Специјалниот суд во Хаг четирите лидери на ОВК. Поранешниот претседател на Косово Хашим Тачи, и неговите соборци Јакуп Красниќи, Кадри Весели и Реџеп Селими пред судот се изјаснија дека се невини по сите точки во обвинението за воени злосторства, убиства, присилно исчезнување, прогонства и тортура.

Почнувајќи од гранчцниот премин Блаце, билбордите со натпис „Името на слободата е ОВК“ го отсликуваат обединетиот став на косовските Албанци за одбрана на честа на ослободителната војска на Косово. Сите се уверени дека обвиненијата од Специјалното обвинителство во Хаг, чиј главен обвинител е Американец и кое е дел од косовскиот судски систем, се неосновани.

– Специјалниот суд е една десетгодишна завера меѓу Русија и Србија некако да ја компромитира ослободителната војска на Косово. Тие успеаја преку таа приказна за трговија со органи. Тоа изгледаше страшно во тоа време иако и трибуналот во Хаг, ниту истрагата која после извештајот на Дик Марти некако наметна Специјалниот суд да биде формиран не најде докази за трговија со органи. Но, потоа истражуваа други нерасветлени случаи кои се случиле за време на војната и во период веднаш по војната. Така што обвинителството смета дека има доволно материјал да се започне постапка. Меѓутоа јас лично сметам дека многу тешко ќе докажат командна одговорност. Бидејќи четворицата членови на главниот штаб на ОВК кои се обвинети, се обвинети за командна одговорност –  вели за Слободен печат аналитичарот од Приштина, Шкељзен Малиќи

Овластениот адвокат на ОВЛ-ОВК, Том Гаши е убеден дека по извесен период сите што се обвинети ќе бидат ослободени од обвиненијата бидејќи ниту обвинителката на Хашкиот трибунал за поранешна Југославија, Карла Дел Понте не успеа да најде докази во текот на истрагата која ја водеше осум години. Исто така според Гаши во тоа не успеал ниту американскиот обвинител Клинт Вилијамсон.

– Јас сум го видел обвинението на Специјалниот суд и тоа се главно точки кои се веќе завршени за време на судењата кои ги раководеа судиите на УНМИК, судиите и обвинителите од ЕУЛЕКС и во неколку случаи со неколку припадници на ОВК кои беа пред судовите и судиите од Косово. Специјалниот суд во Хаг дефинитивно не требаше да постои никогаш во ова форма како што е и да суди само една од страните кои војуваа. Бидејќи се работи за војната, а таа не беше меѓу Албанците туку со војската, полицијата и српските парамилитарци од кои ОВК го бранеше цивилното население и територијата на Косово заедно со косовскиот народ –  рече Гаши.

Адвокатот овој суд го оценува како еднонационален и тврди дека ниту Србите ниту Албанците нема да имаат доверба во судот бидејќи не ги суди и двете инволвирани страни во војната. Исто така тој вели дека судот ги надминува компетенциите па нема да биде изненадување ако има уште обвиненија вклучувајќи го и Али Ахмети.

– Обвинение може да очекува секој чие име се појавува во извештајот на Дик Марти. Но, обвинителството во Хаг ги пречекорува компетенциите кои му се дадени со законот за Специјалниот суд па може да кажеме дека за секој припадник на ОВК за кој има факти дека е Албанец, под два дека бил припадник на ОВК и под три дека бил државјанин на Косово може да биде подигнато обвинение. Така што може да се каже дека никој нема имунитет од обвинение ако живее на друго место – вели нашиот соговорник.

Од страна на меѓународната заедница евидентирани се 400 масакри кои се случиле за време на војната во Косово, објасни Гаши кој тврди дека нема ниту еден за кој постојат докази дека припадници на ОВК го направиле врз Срби.

Малиќи не негира дека за време на војната имало и жртви меѓу косовските Срби, сепак и тој ги обвинува властите во Србија дека ја прикриваат вистината со исчезнатите лица од војната.

– Се чувствува голема неправда тука бидејќи масовните масакри се случија врз Албанците тука. Србите имаат можеби десет пати помалку цивилни жртви. Масовните гробници Србија ги раскопуваше и ги носеше таму за да ги скрие злочините. За Братајница се знае, таму се најдени 700 лешови, има уште 16 други за кои се зборува за кои зборуваа некои опозициски лидери неодамна. Тоа исто би требало да се расветли, И тоа е организиран злочин во два смисла и кога е направен и сега што се крие – смета Малиќи.

Новонастаната ситуација со процесите во Специјалниот суд за Александар Гуџиќ, аналитичар од Грачаница,  представува почеток на крајот на политика со милитатнтно минато. 

-Мислам дека сега ова што се случува е крајот на власта на луѓето кои ги познаваме како претставници на воената коалиција. Билансот на нивното дваесет годишно владеење е катастрофален. Косово денес е една инстант држава, без содржина. Една лушпа не содржина. Србите и Aлбанците се на почетните позиции. На истите позиции како што беа 99-та година. Воената коалиција на Албанците и на граѓаните на Косово не можеше да им понуди ништо друго освен шовинистичка и националистичка реторика по која Србите се криви за се. Србите се криви за војната, Србите се криви за се она што претходеше на војната. Ова претставува крај. Крај на тие луѓе кои ги знаеме како воена коалиција. По мое мислење ова се случи бидејќи на запад постои едно уверување дека Хашим Тачи и Рамуш Харадинај ја завршија својата политичка кариера. Тие ја исполнија целта која беше поставена пред нив – вели Гуџиќ. 

Нашите соговорници сметаат дека ситуацијата на Балканот и во Косово нема да се дестабилизира и да ескалира во нов конфликт. Но, според Малиќи новонастанатата ситуација со судот наметнува посериозни промени во политичкото раководство.

– Веројатно оваа ситуација со судот ќе наметне или да се направи широка коалиција или да се организираат нови избори во мај следната година – предвидува Малиќи.

Дека е време за голема промена се согласува и нашиот соговорник од Грачаница, каде живее српско мнозинство, историчарот и аналитичар Александар Гуџиќ. Сепак тој нема исто мислење за тоа кој е виновникот за војната во Косово.

– Идејата на западот е сега забрзано да работи на постигнување решение меѓу Белград и Приштина. Во тој процес нема место за лидери на воена коалиција и според западните лидери треба да дојде до промена на власта. На власт да дојдат луѓе кои немаат зад себе војна и воени злосторства. Луѓе за кои не се смета дека се одговорни за протерување на преку 200 илјади Срби. По мое мислење овој след на случувања има за цел а се продолжи со преговорите Белград – Приштина кои би довеле до сеопфатен договор и нормализација на односите. Дали тоа ќе се случи во некоја блиска иднина, не верувам. Тоа е долг процес и ќе поминат, години и години додека не ги нормализираат односите и не постигнат меѓусебно признавање – вели Александар Гуџиќ.

Анкета: Ако навистина направиле злосторства би ги осудил по 600 години

ВИДЕО | Косовската пратеничка Кадријај: Специјалниот суд во Хаг не е легитимен

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот