ВИДЕО | Чофениг победи во Гармиш и го презеде водството во пласманот на Новогодишната турнеја
Австриецот Даниел Чофениг денеска победи на натпреварувањето во ски скокови во Гармиш-Партенкирхен, на втората станица од новогодишната турнеја „Четири скокалници“, и сега е на лидерското место во рангирањето на турнејата, но и во Светскиот куп.
Препорачано
Чофениг ја постигна третата победа на Светскиот куп со вкупно 298,9 поени, односно скокови од 141,5 и 143 метри.
На второто место се најде Швајцарецот Грегор Дешванден со 8,6 поени заостанување зад победникот (скокови од 138 и 140,5 метри), додека третото место му припадна на Австриецот Михаел Хајбек со 289 поени (145 и 137,5 метри).
Минатогодишниот победник на Гармиш, Словенецот Анже Ланишек го освои четвртото место со 0,7 поени заостанување зад Хајбек.
Во генералниот пласман на турнејата води Чофениг со 622,5 бодови, а на втората и третата позиција се неговите сонародници Јан Херл (614,6) и Штефан Крафт (613,8).
Чофениг го презеде водството и во генералниот пласман на Светскиот куп и сега е на првото место со 796 бодови, додека второпласиран е Германецот Пиус Пашке со два бода помалку.
Новогодишната турнеја продолжува во сабота во австриски Инсбрук, а два дена подоцна е закажан финалното натпреварување во Бишофсхофен.


