ВИДЕО | Бесплатен ботокс предизвика хаос во германски трговски центар – стотици луѓе чекале со часови
Отворањето на естетска ординација во трговски центар во Дуисбург предизвика контроверзии откако ординацијата понуди бесплатни ботокс третмани во првите два часа од работното време, пренесува „Еуроњуз“.
Препорачано
Акцијата привлекла стотици луѓе кои со часови чекале во редови, меѓу кои имало многу млади лица и жени, јавува германската телевизија „WDR“.
Третманите биле интензивно промовирани на социјалните мрежи, вклучувајќи и наградни игри, но според германските медиуми, не е јасно кој ги спроведувал третманите и како биле информирани пациентите. Според компанијата, прегледот го вршел „искусен лекар“ кој ја анализирал мимиката, активноста на мускулите и структурата на кожата, но на прашањата на медиумите сепак не било одговорено.
Иако компанијата како можни несакани ефекти навела благо црвенило, оток или модринки, стручњаците истакнуваат дека ваквите процедури треба да ги вршат исклучиво квалификувани лекари.
Некои граѓани изразиле незадоволство од организацијата, наведувајќи дека редовите биле премногу долги и дека некои од нив си заминале дома, додека други сметале дека лекарите работеле под притисок и консултациите траеле само неколку минути.
Неврологот Детлев Шнајдер, кој работи во специјализирана амбуланта во Дуисбург, оцени дека ваквите акции се проблематични и дека постои ризик од компликации, како што е појава на страбизам ако инјекцијата се дава близу до окото.
„Потребно е долгогодишно искуство за примената на ботулинум токсин“, истакна тој, додавајќи дека третманите „помеѓу шопинг и кафе“ се многу спорни.
Ботоксот, односно ботулинум токсин, се користи во естетската медицина во разредена форма за релаксација на мускулите и отстранување на брчки, како на челото или околу очите, но стручњаците предупредуваат дека неговата примена бара големо искуство.


