ВИДЕО | Аплауз, прегратки и емоции: Вака беше пречекана македонската претставничка на Детската Евровизија, Нела Манческа
Со силен аплауз, прегратки и многу емоции беше пречекана македонската претставничка на Детската Евровизија, Нела Манческа, во основното училиште „Вера Циривири-Трена“ – Скопје. По нејзиниот успешен настап на престижниот музички натпревар, учениците, наставниците и вработените ѝ приредија топло добредојде, а атмосферата исполнета со радост и гордост беше забележана и на видеото кое брзо се прошири на ТикТок и останатите социјални мрежи.
Препорачано
Нела се врати во училиштето како вистинска хероина, откако Македонија постигна одличен резултат на 23. издание на Детската Евровизија, што се одржа во Тбилиси, Грузија. Со песната „Miracle“, таа го освои високото седмо место во конкуренција од 18 земји, оставајќи силен впечаток со својата моќна и сигурна изведба.
Настапот на младата пејачка беше високо оценет од стручните жирија, од кои доби вкупно 92 поени и го освои петтото место според. Со додавање на гласовите од публиката, Македонија собра уште 49 поени и го заврши натпреварувањето на седмата позиција.
Песната „Miracle“ е авторско дело на Лазар и Магдалена Цветкоски, а Нела, покрај музиката, во слободното време свири пијано, црта и плете, што дополнително ја прави инспирација за своите врсници.
Победата на годинашната Детска Евровизија ѝ припадна на Франција со песната „Ce Monde“, додека Грузија го освои второто, а Украина третото место. Сепак, за учениците и наставниците од „Вера Циривири-Трена“, Нела е нивната вистинска победничка, што се гледа и од емотивниот пречек кој ја разнежи и пошироката јавност на социјалните мрежи.


