Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Америка пак разнесе чамец со наводни шверцери на дрога на Карибите, тројца загинаа

Разузнавачките информации потврдија дека пловилото се движело по познати маршрути за нарко-шверц на Карибите и било вклучено во операции за трговија со дрога, тврди Јужната команда на американската војска.

Јужната команда на американската војска соопшти дека неделава ја извршила втората смртоносна операција против чамец. Според командата, надлежна за операции во Латинска Америка и на Карибите, во најновиот напад во петокот на Карибите биле убиени тројца осомничени шверцери на дрога, објави „Гардијан“.

„Разузнавачките информации потврдија дека пловилото се движело по познати маршрути за нарко-шверц на Карибите и било вклучено во операции за трговија со дрога“, соопшти Јужната команда.

Во објавата беше приложено и видео од нападот, на кое се гледа како чамецот плови по водата, а потоа се запалува по удар со проектил што наликува на ракета.

Јужната команда и Пентагон не одговорија веднаш на барањата за дополнителни информации.

Најмалку 133 луѓе се убиени

Петочниот напад следува по претходно соопштение на Јужната команда за смртоносен напад врз друг чамец во источниот Пацифик во понеделникот, при што загинале двајца осомничени шверцери, а еден човек преживеал.

Со убиствата во петокот, бројот на жртви достигна најмалку 133 луѓе во 39 напади, според изјави на Пентагон што ги сумираше „Интерсепт“. Ова се чини дека е првиот напад на командата во Карибите од ноември наваму; најголемиот дел од неодамнешните удари се извршени во Пацификот.

Законитоста на овие напади врз чамци е под лупа, при што правни експерти оценуваат дека станува збор за вонправни убиства од страна на Пентагон, без соодветна одговорност.

„Луѓето што се убиени во американски воени удари на море се лишени од каква било правна заштита и право на постапка“, се наведува во анализа објавена во петокот од организацијата за застапување права „Вашингтон офис он Латин Америка“.

ВИДЕО | Најмалку четири лица загинале во нов американски напад врз брод во Пацификот

Администрацијата на Трамп, според организацијата, „тврди и практикува наводно неограничена дозвола да убива луѓе што претседателот ги смета за терористи“.

На почетокот од месецов, генерал Френсис Л. Донован беше именуван за нов командант на Јужната команда. Донован ја презеде функцијата по пензионирањето на адмиралот на американската морнарица Алвин Холси, кој, според медиумски извештаи, се повлекол поради несогласувања околу политиката за напади врз чамци.

Нападот во петокот во Карибите следува по американска операција во главниот град на Венецуела на почетокот на јануари, при која беше приведен тогашниот претседател Николас Мадуро по обвиненија поврзани со трговија со дрога.

Пентагон ги нарекува операциите во регионот „кампања против нарко-тероризам“, но понуди малку докази за постоење координирани мрежи за шверц на дрога.

Агенти на ЦИА ќе управуваат со Венецуела по Мадуро, протекоа тајни документи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот