ВИДЕО | Адвокатката на семејството на Ивана и Катја: Стојанче не ја турна, но ја доведе Ивана до работ
Адвокатката на семејството на починатите Ивана и Катја, Неда Чаловска, денеска во завршните зборови во судскиот процес во кој Стојанче Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство, во име на семејството побара правда од судот.
Препорачано
-На крај сме од еден мачен судски процес. Секој од нас што редовно беше присутен на рочиштата, ќе потврди дека беше тешко да се сведочи сето насилство кое го видовме и слушнавме преку доказите, а замислете, директно да го трпите ова секој ден, да се будите и да легнувате со страв за себе и за вашето дете. Кој би можел тоа да го издржи? Веројатно никој. Ивана не издржа зашто не гледаше спас од дејствијата на обвинетиот ниту за себе ниту за своето дете. Дејствијата на обвинетиот не претставуваат изолирани инциденти, туку каузално поврзани настани кои кулминирале на критичниот ден, на 2 март. Долгогодишното малтретирање кое вклучува физичко, психичко и економско насилство кое траело седум години ја доведува Ивана во состојба на тешка психичка вознемиреност, безнадежност и целосна безизлезност – рече таа.
Адвокатката додаде дека присилното одземање на станот, заканите дека ќе биде избркана од домот и дека ќе ѝ биде одземено детето како што произлегло од доказите, биле секојдневие кое ја довело жртвата до состојба на постојан страв и апсолутна несигурност.
Во таква состојба, а со очигледниот молк од страна на институциите, последиците не се случајни, тие се предвидливи. Придонесот на обвинетиот не е индиректен, туку директен причинител што довел до последицата. Да, тој не ја турна Ивана физички, но ја донесе до работ и ја одзеде секоја причина да не скокне. Затоа ваквите дела во одредени земји се квалификуваат дури и како убиство од небрежност, а не само како наведување на самоубиство. Во поширока смисла, се квалификуваат како фемициди. Во врска со континуитетот на семејно насилство, Европскиот суд за човекови права во случајот „Гајдукевиќ против Грузија“ во случај сличен на овој, каде жена се самоубива како резултат на долгогодишно семејно насилство, забележува дека семејното насилство ретко е изолиран инцидент. Тоа обично потекнува од родово заснована дискриминација и опфаќа кумулативна и меѓусебно поврзана физичка, психолошка, сексуална, емоционална, вербална и финансиска злоупотреба на близок член на семејството. Затоа санкционирањето на сторителот единствено за еден ден, односно за еден инцидент како што направила државата Грузија во конкретниот случај, а не и за сите претходни години во кои вршел семејно насилство, судот заклучува дека не е во согласност со судската пракса поради што во конкретниот случај, наоѓа повреда на член 2 од Европската конвенција за човекови права односно правото на живот. Во конкретниот случај, освен индивидуалната казна од примарно значење при одмерувањето на казната сметаме дека судот треба да ја има предвид и генералната превенција, односно воспитното влијание врз другите да не вршат вакви кривични дела и да делува за секоја жена која живее во страв, рече таа.
Стојанче Јовановски: Сѐ би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга


