Стојанче Јовановски, фото „Слободен печат“ Методи Здравев
Стојанче Јовановски, фото „Слободен печат“ Методи Здравев

Стојанче Јовановски: Сѐ би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга

Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана, чиј живот трагично заврши со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе заедно со шестгодишната ќерка Катја, во денешните завршни зборови порача „да се земат изјавите на сведоците со претпазливост зашто се пристрасни, контрадикторни и тенденциозни“.

-За иста ситуација во која не биле присутни, давале различни изјави, при што јасно се изјаснија дека се во роднинска врска со Ивана и не се во добри односи со мене. Мојата сопруга не била во подредена положба, имала финансиско и станбено решение, не била присилена од моја страна од никаков аспект што би ја довел во ситуација да изврши ваква трагедија. Не сум ја потикнувал ниту охрабрувал ниту сум можел да го предвидам истото бидејќи не сум бил свесен дека оваа трагедија би можела некогаш да се случи. Никогаш немаше да ги оставам сами во нашиот стан, да не бев присилно изваден од станот од страна на Мартин Саздов. Оваа трагедија не е правно предизвикана од моја страна. Немам пораки кон мојата сопруга Ивана со закани ниту пораки каде вршам притисок со кој би влијаел на исходот од овој трагичен настан. Моето дете е убиено без ниедна шанса да одлучува за сопствената состојба. Стручните лица што дојдоа на судењето изјавија дека телесните повреди на Ивана не потекнуваат од критичниот ден освен една повреда на десната страна на долната регија на вилицата која потекнувала од прсти. Таа повреда е од Мартин Саздов, како што изјавив јас претходно дека во неговото возило додека Ивана седеше позади него, замавна со неговата десна рака во пределот на десната страна на вилицата на мојата сопруга. Исто така, стручните медицински лица констатираат за другите повреди дека се постари од 2-3 дена. Во мојата изјава прецизно кажав дека тие повреди се нанесени од Мартин Саздов кога ги прочита пораките меѓу мене и Ивана кои што Ивана ми ги пишуваше и уште се во мојот телефонски уред, рече Јовановски.

Тој додаде дека Ивана на критичниот ден и пред училиштето „Нова“ и пред Основниот кривичен суд го оттргнувала од Мартин Саздов и му кажувала дека „Саздов ѝ се заканувал со одземање на Катја“.

– Како што проба да ја земе мојата ќерка од училиште. Истиот ден Мартин ми ги покажуваше клиповите со експлицитна содржина меѓу него и мојата сопруга. Не сум ја навредувал ниту сум се однесувал нечовечки и сурово кон мојата сопруга во намера да ја доведам во ситуација со ваков трагичен исход. Сакам да кажам дека сведоците кои беа застапени во оваа постапка покрај заклетвата пред судот дека ќе ја говорат вистината, го сторија спротивното со цел да ме оцрнат и да ме претстават како личност што не сум. Братот на мојата сопруга јасно изјави дека мојата сопруга имала станбено решение и дека нивните детски соби биле уредени за прикладен живот на мојата сопруга и мојата ќерка. Се би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга и целото побарување што го имаат мајката и братот без проблем ќе им го дадам, не ми значи ништо материјалното, низ солзи рече Јовановски.

Адвокатот на Јовановски, Давор Ангелевски рече дека неговиот клиент е обвинет дека нанел телесна повреда без лекарска документација во која се докажува каузалитетот за критичниот ден. Наместо лекарска документација, според него, ОЈО изведува како доказ вештачење што се однесува на друг период. Вештаците, рече Ангелевски, потврдија дека повредите се од стисок. Тој посочи дека сведоците дале нејасни сведочења – „како нешто слушнале, ништо не виделе, како некој пријавил, а никој не постапил по пријавите“. Всушност, вели тој, сведоците не сведочеле директно на настанот.

-Му предлагам на судот да ја расчисти дилемата кој ѝ нанел на Ивана нагмечување, рече адвокатот.

За него е дискутабилно што постхумно Јовановски се гони за загрозување на сигурноста бидејќи без исказ на Ивана не може да се докаже каузалитетот меѓу дејството и последицата.

-За наведување на самоубиство, одбраната дава објаснување зошто ова дело не може да му се стави на товар. За некој да е обвинет за кривично дело, само Законот може да биде извор на правото. Мора сите опишани дејствија во овој член да постојат. За кривичното дело од член 128 став 4, жртвата во однос на сторителот мора да е во подредена и зависна положба. Тоа е неопходен услов за да постои ова дело. Тоа е однос што произлегува од објективна поставеност на жртвата и сторителот, а не е однос кој сторителот би можел да го конструира – на пример „родител-дете“, „работник-работодавач“, „старешина-војник“. Сторителот не може да создаде однос на подреденост или зависност, без оглед какви дејствија и да презел. Во конкретниот случај, односот е „маж-жена“, а жената е работоспособна, не е под издршка на мажот, има и друг партнер, а согласно Законот за семејство каде мажот и жената се рамноправни, апсурд е да толкуваме дека жртвата била зависна од сторителот, рече Ангелевски.

Според него, станот на дар е даден доброволно, но и кога би бил на сила, тоа не креира положба на подреденост и зависност. За на Јовановски да му се стави на товар „наведување на самоубиство“ рече неговиот адвокат, треба да ги има обележјата и елементите на кривичното дело.

-Но обележјата и елементите изостануваат па затоа не може да опстане ова дело во конкретниот кривично-правен настан. Ако тоа би се случило, крајно погрешно би бил применет законот, рече тој.

Вториот адвокат на Јовановски, Митко Солаков зборуваше дека во случајот освен актуелниот, имало и „паралелни обвинители“.

-Тоа е јавноста која е безбројна преку медиумите и на Фејсбук пишуваат секакви наводи кои пијат или не пијат вода. Јас лично сум убеден дека овој суд нема да биде детерминиран од мислењето на јавноста и ќе биде резистентен на ваквите бљувотини и ќе донесе самостојна одлука. Сепак судот е човечко битие, а сум убеден колку и да не сака е детерминиран од јавното мислење па има едно основано сомнение дека истиот е под некое влијание. Евидентно е дека Стојанче е насилен, тоа е факт. Евидентно е дека имаме за точка 1 и 2 безброј материјални и вербални докази за неговата суровост по однос на жртвата. Но, би сакал да истакнам дека не може да го црниме Стојанче зашто има една бела точка, а тоа е љубовниот триаголник. Лицето Мартин,  сведокот кој глумеше лудило пред овој суд – слушам дека ОЈО требаше паралелно и него да го обвини. Тој имаше придонес за точката 3. Почитуван суде, во мојот живот од 71 година не ми требаат психијатри и психолози, за лично да оценам дека жртвата критичниот ден била доведена во безизлезна состојба, а каде се наоѓа таа безизлезност  – точно во љубовниот триаголник. Ако сведокот Мартин не бил во тој триаголник, жртвата ниту би се довела во безизлезна состојба и да направи таков чекор. Пак апелирам до вас да го примените правото и правдата, рече адвокатот Солаков.

Видео од Ивана во судницата: „Стојанче, цело време ме удираш по бубрези, зашто татко ти така удирал кога бил полицаец, да не се познава“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот