Верона воведува строги правила за туристите опседнати со „Ромео и Јулија“: Ќе се плаќа влез и се ограничува времето за фотографии
Со децении, италијанскиот град Верона е место кое го посетуваат бројни романтичари од целиот свет. Но, поради пренатрупаноста и огромниот број посетители опседнати со трагедијата на Шекспир, градските власти воведуваат нови, построги правила, пишува „Телеграф“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Досега туристите бесплатно влегуваа во високиот двор на прочуената „Куќа на Јулија“ – старински палацо што со години се претставува како домот на Јулија Капулети, главниот женски лик од „Ромео и Јулија“. Од оваа зима, секој посетител ќе мора да плати 12 евра за да го види камениот балкон од кој, според легендата, Јулија копнеела по Ромео.
Дополнително, воведено е и строго ограничување: паровите имаат само 60 секунди да направат фотографија на балконот. Иако балконот изгледа средновековно, тој всушност бил составен од делови од стара скулптура во 20. век.
Бројот на туристи во внатрешноста на куќата е намален од 130 на 100 лица, со цел да се спречи опасно пренатрупување. Куќата е уредена како дом на богато италијанско семејство од минатите векови и годишно привлекува стотици илјади посетители.
Иако Ромео и Јулија се фиктивни ликови, локацијата има стекнато митски статус. Туристите цртаат љубовни графити, се фотографираат, а многумина ја допираат бронзената статуа на Јулија – гест за кој се верува дека носи среќа.
Но, новиот систем на плаќање, воведен во самиот празничен период, предизвика незадоволство. Туристички водичи и агенции тврдат дека одлуката била објавена само два дена пред стапување во сила.
„Туристите од Азија доаѓаат во Верона само за ова. Резервираат месеци однапред и носат љубовни писма што ги оставаат во куќата на Јулија. Да го најавиш ова само два дена претходно е непростливо“, изјави локалниот водич Леонардо Калабрета за „Република“.
Официјалните лица ја бранат мерката.
„Алтернативата беше целосно затворање на дворот од безбедносни причини“, изјави Марта Уголино, градска советничка за култура.
Нејзината колешка Стефанија Зивелонги додаде дека, доколку се создадат огромни редици пред куќата, можно е да се воведе и еднонасочен систем на движење.
(Не)среќни во љубовта: Повторно е оштетена бронзената статуа на Шекспирова Јулија во Верона


