Верниците се подготвуваат за славење на Свети Никола Чудотворец – симбол на милосрдие, добродетел, заштитник на домот и морепловците
Свети Никола Мирликиски Чудотворец е еден од најпочитуваните христијански светители во православниот свет и најчеста слава кај македонските семејства. Неговиот празник се одбележува на 19 декември, а во народната традиција тој е симбол на милосрдие, праведност, вера и заштита.
Препорачано
Целиот христијански свет – Исток и Запад, Север и Југ – го велича овој Христов светител. Причината за таквата севселенска почит лежи во фактот што Свети Никола станал едно живо Евангелие – целосно охристовена личност, човек кој станал сад на Божјата благодат. Од него излегувала сила што лекувала, утешувала и помагала, а таа сила, според верувањето, дејствува и денес кај сите што со вера и смирение му се обраќаат.
Кој бил Свети Никола?
Свети Никола е роден во 3 век во градот Патара, во Мала Азија, во богато и благочестиво семејство. Уште од младоста се одликувал со силна вера и љубов кон ближните, а своето наследено богатство го раздал на сиромашните. Подоцна станал епископ во градот Мира (денешна Турција), каде се прославил по својата мудрост, кротост и бројни чуда.
Преданијата сведочат дека тајно им помагал на оние што биле во неволја – сиромашни, болни, деца и неправедно осудени. Поради таа негова несебична љубов, народот го нарекол Чудотворец.

Живо застапништво пред Бога
За време на својот живот, Свети Никола целосно Му се предал на Христа. Во Негово име ги слушал и им помагал на немоќните и страдалниците, плачел со расплаканите и се радувал со радосните. Токму затоа, според црковното учење, денес во Царството Небесно светли како невечерен Божји светилник, осветлувајќи им го патот кон добродетелите на многумина.
Во неговиот тропар, Црквата го нарекува „правило на верата и образ на кроткоста“. Тој не се родил светител, туку преку истрајна борба против страстите, егоизмот и гревовите, и преку целосно себепредавање на Бога, станал великан на Божјата благодат и пример за сите христијани.
Заштитник на патниците и морепловците
Свети Никола се смета за заштитник на морепловците, патниците, рибарите, трговците, децата и семејствата. Според народното верување, спасувал бродови од бури и ги водел патниците кон сигурност, поради што и денес многумина му се молат за безбедно патување, мир во домот и благослов во животот.

Слава и народна традиција
Празникот на Свети Никола најчесто се слави како посна слава, бидејќи паѓа во текот на Божиќниот пост. На трпезата традиционално се наоѓаат посни јадења – риба, грав, сарма, посни пити и колачи. Славата е празник на заедништво, гостопримство и благодарност, а се верува дека домот што го слави Свети Никола е благословен со здравје, мир и напредок.
Во народот постои верување дека на овој ден е особено важно да се прават добри дела, да се простува и да се помирува, бидејќи Свети Никола ги наградува добрите, а ги опоменува оние што прават неправди.
Поука за сите верници
Примерот на Свети Никола нè повикува и нас да се трудиме да живееме со вера, молитва и милосрдие. Смислата на човечкото постоење, како што учи Црквата, е да станеме живеалишта на Троичниот Бог и наследници на вечниот живот, а не робови на минливото и трулежното.
На овој ден именден празнуваат и сите што го носат името Никола, Николај, Николина – нека им е честит именденот и по молитвите на светецот да бидат достојни носители на неговото славно име.
Нека Свети Никола ни помага на сите богоугодно да го поминеме Божикниот пост и со духовна радост да го дочекаме Светото Рождество Христово.


