Вардар во криза, европскиот шампион на „колена“ и во Веспрем!

handballveszprem.hu/Dávid Vörös

Македонскиот и европски шампион, после убедливиот пораз во минатото коло во Скопје од Кил, и денеска на сличен начин загуби на гостувањето кај екипата на Веспрем (39:30). Кај стрелците Дибиров имаше осум голови, пет Дисингер, а во победничките редови осум запиша Лауге Шмид.

Натпреварот со гол го отвори Кристопанс за почетно водство, додека Вардар уште во два наврати беше во предност кога погодуваше Кристопанс. Последен пат Вардарци имаа водство од 3:4, кога започна серија на Веспрем од 3:0 за превземање на предноста (6:4) кога Нилсон погоди во 10 минута од натпреварот.

handballveszprem.hu/Dávid Vörös

Од овие моменти домашниот тим беше во позитива, додека тимот на Кокшаров постојано бркаше негатива. Дисингер беше доста активен во нападот и со својот трет гол намали на 6:5, а Германецот во претходните четири кола имаше само два гола зад неговото име.

Избраниците на Дејвис беа во налет, направија нова серија од четири последователни погодоци, па преку Лауге и Штрлек во 12 минута имаа најголема позитива од четири гола разлика (9:5) во 12 минута, што беше знак за тренерот на Вардар да побара тајмаут.

На голот започна Гедбан, кој не се задржа многу со оглед дека имаше само една одбрана. По тајмаутот погоди Вардар преку Кристопанс за 9:6, но со петтиот гол од исто толку обиди на Нилсон, Веспрем стигна до највисока предност од 12:7. Кугис застана на голот, имаше две одбрани, кои помогнаа Вардар да се соземе, да влезе во добра серија и со голот на Дибиров во 24 минута да намали на само два гола негатива (15:13). Сепак до крајот на првото полувреме, Веспрем се избори да има четири гола позитива, па на одмор да замине со водство од 21:17.

handballveszprem.hu/Dávid Vörös

Вардар имаше одличен старт на вториот дел, со головите на Дибиров и Скубе се враќа во мечот и намалува на 21:19, додека Веспрем се уште беше без гол. Сепак, домашниот тим повторно се одлепи и ја врати онаа најголема разлика од пет голови, а Манасков погоди за 26:21, па Кокшаров побара минута одмор во 40 минута.

Расмус Лауге беше нерешлива енигма за одбраната, која не беше на ниво и на овој меч, после 44 минута игра Вардар веќе прими 30 голови, што не беше одлика за европскиот шампион во претходните сезони. Немаше ниту голем број на голмански интервенции, вкупно шест за двата голмани, што е премалку, па резултатот од 30:24 во 45 минута и не беше така лош за вардарци. Не успеа Вардар да се врати во игра, напротив Унгарците го зголемуваа водството и со голот на Борозан имаа највисоки 33:25. На голот застана и младиот Кизиќ, кој забележа и една одбрана. Вардар на крајот доживеа убедлив пораз со резултат 39:30.

Следи пауза поради ЕХФ неделата, па Вардар го очекуваат два домашни меча во ЛШ, против екипите на Брест Мешков и Келце.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот