Валтер: Треба да уживаме на мечот со Веспрем, тоа е нашата шанса
Во петок (2 септември) со почеток од 20.30 часот Е. Пелистер против унгарскиот Веспрем ќе го игра полуфиналниот натпревар во СЕХА Газпром лигата на Фајнал-фор турнирот во Задар, Хрватска.
Препорачано
Хрватите сигурно ќе имаат свој претставник во големото финале бидејќи во втората полуфинална пресметка силите ќе ги одмерат екипите на ППД Загреб и Нексе од Нашице.
Битолчани кои во четвртфиналето на домашен терен го елиминираа белорускиот Мешков и за првпат обезбедија настап на Ф4 турнирот во ова регионално натпреварување.
Тренерот на македонскиот вицешампион, Ларс Валтер вели дека неговите играчи треба да уживаат во дуелот со Веспрем.
– Нашата цел беше да стигнеме на „фајнал-фор“ на СЕХА лигата и сега имаме голем предизвик во името на Веспрем, еден од најдобрите светски клубови. Треба да одиме таму и да уживаме, да играме слободно. Тука ја гледам нашата шанса. Од недела во недела учиме и учиме заедно. Тоа е она што треба да го правиме во следните месеци и мислам дека околу Божиќ ќе го видиме вистинскиот лик. Се надевам дека нема да направиме многу грешки по пат и цел ни е секој натпревар да биде што е можно подобар – рече Валтер.


