Вака не зборуваат поранешни претседатели, вели Денко Малески за говорите на Црвенковски и Иванов

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

„Наместо да кажат со какви задачи се соочувале како претседатели, што направиле за остварување на стратешките цели поставени во 1991, членство во НАТО и во ЕУ и кои се научените лекции, тие распалија по актуелната власт. Ваква немилосрдна канонада против владата на Зоран Заев, но, индиректно, и на претседателот на државата Стево Пендаровски е на рамниште на онаа што секојдневно доаѓа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ“, вели професорот, политички аналитичар и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески во текст објавен на Плусинфо.

Малески ги коментираше денешните говори на поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов во МАНУ, во кои тие ја критикуваа состојбата во државата и актуелната власт.

Црвенковски, меѓу другото, рече дека Македонија е „корумпирана држава која живее од кредити“, додека Иванов кажа дека државата е „заробеник на провинцијализам, во нарцисоидната егоцентричност на својата елита“.

Малески вели дека во демократските земји, поранешните претседатели се најчесто воздржани во своите излагања во јавноста и како пример ги зема Соединетите Држави.

„Едноставно, сметаат дека не е фер ниту е пристојно, кога друг ја носи одговорност за управување со државата, тие да се прават паметни и да судат што е добро а што лошо“, вели Малески.

„Вака зборуваат претседатели кавгаџии кои не можат да се соочат со недостатоците од сопственото владеење во кои постоеле сите елементи за кои се критикува сегашната власт. Каков е тогаш тој апел за домашен консенсус околу некаква национална платформа од некој кој на власта најотворено ѝ објавува војна?“, прашува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот