Уште еден врвен менаџер мистериозно загина во Русија, бил по риба на Волга и се удавил
Нов случај во низата сомнителни загинувања на врвни менаџери и бизнисмени во Русија, е забележан кај Волгоград. 42-годишниот Сергеј Лоитер, поранешниот комерцијален директор на рускиот гигант Јандекс, се удавил додека ловел риба на реката Волга, јавија локалните медиуми. Лоитер во последните две години работел за Јанго, меѓународната дивизија на рускиот интернет гигант.
Препорачано
Според V1.ru, извори изјавиле дека телото на Лоитер е идентификувано меѓу тројца рибари чии исчезнувања беа пријавени кон крајот на минатата недела. Заедно со Лоитер, се удавија и инвеститорот од Волгоград Сергеј Назаров (тој сè уште се води како исчезнат) и личниот возач на бизнисменот, Игор Прохоров.
Телото на Прохоров беше откриено прво. „Пронајдени се повреди на главата. Се чини дека или се превртеле или удриле во нешто“, изјавил изворот за порталот.
Лоитер е барем 20-от врвен менаџер што под мистериозни околности почина во Русија од почетокот на војната во Украина. Минатиот септември беше откриено обезглавеното тело на Алексеј Синицин, извршен директор на компанијата за рударство на калиум-магнезиумска сол „К-Поташ сервис“. Во август беа објавени смртта на Дмитриј Осипов, претседател на одборот на директори на „Уралкали“, и Михаил Кенин, основач и главен акционер на групацијата компании „Самолет“, најголемиот руски инвеститор во недвижности. Причините за нивната смрт остануваат непознати.
Го прегази автомобил – почина уште еден руски функционер близок до Медведев и Путин


