Ураганот Лаура ја погоди Луизијана, 14-годишно девојче почина (ФОТО)

Фото: EPA-EFE/DAN ANDERSON

Ураганот Лаура го погоди југозападниот дел на државата Луизијана како една од најсилните бури што некогаш ја погодија таа држава, а како што беше соопштено, официјалните информации се дека загинало едно девојче, но се верува дека има повеќе жртви.

Гувернерот Џон Бел Едвардс добил извештај за првата жртва, 14-годишно девојче кое починало кога врз куќата каде што живеело паднало дрво.

– Очекуваме дека може да има повеќе жртви, напиша на Твитер портпаролката на Едвардс, Кристина Стивенс.

Фото: EPA-EFE/DAN ANDERSON

Едвардс и гувернерот на Тексас, Грег Абот, рекоа дека ангажирале екипи за спасување. Ебот изјави дека евакуацијата на илјадници луѓе спречила смртни случаи во неговата држава, додека Едвардс рече дека властите во Луизијана сè уште ја проценуваат штетата.

И двајцата гувернери рекоа дека бранот на поплавите не е толку опасен како што првично се стравуваше, пренесува Гласот на Америка.

Кога го погоди копното, во близина на градот Камерон во Луизијана, Лаура ја следеа ветрови од 240 километри на час како ураган од четврта категорија од максимум пет. Денеска ослабе во прва категорија со ветрови од 140 километри на час, објави Националниот центар за урагани.

Фото: EPA-EFE/NOAA HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Компаниите за електрична енергија известија дека повеќе од 600.000 домаќинства и бизниси во моментов се без електрична енергија. Невремето се движи и кон центарот на американската нафтена индустрија, поради што рафинериите престанаа со производство.

Патеката по која се движи Лаура е потег на кој живеат околу четири милиони луѓе, од кои повеќето мораше да бидат евакуирани. Полицијата апелираше до луѓето да се засолнат и нагласи дека ќе бидат потребни неколку часа за безбедно да одат во потрага и спасување на оние што остануваат.

Во градот Лејк Чарлс, Луизијана, со 78.000 жители, налетите на ветерот и до 206 километри на час носеа покривите на куќите и кршеа прозорци.

Сепак, според првичните извештаи, Лаура предизвикала помала штета од очекуваното.

Малиот град Порт Артур во Тексас, кој има 54.000 жители, изгледаше како „град на духови”, затоа што само бензинските пумпи и продавниците за алкохол останаа отворени.

Наредена е евакуација на 620 илјади луѓе во Тексас и Луизијана, а се очекува поплавниот бран да го подигне нивото на реката Мисисипи за речиси шест метри.

Фото: EPA-EFE/DAN ANDERSON

Областа во Луизијана која ја погоди Лаура е мочуришна и особено чувствителна на бран од океанот.

– Загрижени сме дека бранот од невремето ќе влезе многу во копното и практично ќе го покрие целото мочуриште, што значи дека не може многу да се направи за да се запре водата, рекоа претставници на Националниот центар за урагани.

– Многумина не можат ни да замислат како изгледа бран со висина на двокатна зграда, но тоа ќе се случи. Некои места во Луизијана буквално ќе бидат под вода, рече метеорологот Бенџамин Скот.

Се предвидува дека Лаура ќе предизвика и торнада во Луизијана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот