Мицкоски и Орбан

Унгарија позајмила една милијарда евра од Кина, толку ќе ни позајми и нам?

Агенцијата за кредити на Унгарија објави дека на 19 април земјата земала кредити од три кинески банки. Мицкоски рече дека не знае од каде се обезбедени парите што Унгарија ќе ѝ ги даде на земјава како заем. Во недостиг на детали, чаршијата калкулира

Унгарија позајми една милијарда евра, најголемиот заем што Будимпешта некогаш го земала, од три кинески банки, се наведува на веб-страницата на владината кредитна агенција. Заемот, кој ѝ го дадоа Кинеската развојна банка, Експорт-импорт банка на Кина и унгарската филијала на Банката на Кина, беше целосно повлечен на 19 април и мора да биде отплатен во рок од три години, објави Politico.eu.

„Будимпешта не го објави договорот. Ова првпат беше објавено во четвртокот од унгарското деловно издание Портфолио, а потоа го потврди и владина агенција“, пишува Политико.еу.

Во исто време Македонија чека 500 милиони евра од Унгарија за кои веќе премиерот Христијан Мицкоски ги објави условите, но како што потенцираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посакувани се и дополнителни пари од Унгарија на почетокот на годината, затоа што на 25 јануари 2025 година доспева за наплата еврообврзница од 500 милиони евра. Случајно или не – но само што стигна на власт, Мицкоски најави задолжување од една милијарда евра од една пријателска земја.

– Каматите за еврообврзница се повисоки. Добро би било ако можело ако дотогаш обезбедиме дополнително пари од Унгарија – рече Димитриеска-Кочоска.

Додека во Македонија се даваат вакви изјави, Политико.еу пишува: „Со јавниот долг на Унгарија на рекордно високо ниво од 140 милијарди евра (73,5 отсто од БДП) и буџетски дефицит од 6,7 отсто од БДП, Будимпешта има очајна потреба од готовина. Будимпешта сè уште чека милијарди евра средства од ЕУ“.

Зошто тогаш Унгарија ѝ дава заем на Македонија? Дали се тоа кинески пари и зошто тогаш би оделе преку Унгарија? Овие прашања деновиве ја брануваат јавноста.
Во мај, по европската тура што ја имаше кинескиот претседател Си Џинпинг, Ројтерс напиша: „Унгарија под десничарскиот Орбан стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина, за разлика од некои други земји на ЕУ кои размислуваат да станат помалку зависни од втората по големина економија во светот“.

Во телевизиско интервју за ТВ Телма во понеделникот, Мицкоски рече дека не знае од каде се обезбедени парите што Унгарија ќе ѝ ги даде на земјава како заем. Битно е, како што рече, дека станува збор за договор меѓу две влади. Заемот, како што рече, ќе биде дел од закон што ќе помине транспарентна процедура, на владина седница и во Собранието, „без претходно да се протне на шверцерски начин или на него да се лепат европски знаменца“.

Според информацијата што ја сподели Мицкоски пред две недели, унгарската Влада ќе ѝ позајми на македонската Влада 500 милиони евра со камата од 3,25 проценти, три години грејс-период, и 12 години рок на отплата.

Во четвртокот, пак, на средбата во Стопанската комора, Мицкоски откри нови детали дека „250 милиони евра, пари од унгарскиот заем, ќе бидат достапни за бизнис-секторот во октомври додека општините со своите проекти ќе може да аплицираат за овие средства на почетокот на идната година“.

Истовремено, лидерот на СДСМ Венко Филипче на средба со новинарите даваше изјава за заемот од Унгарија.

– Се прашуваме дали се крие нешто зад тоа? Инсистираме Владата што побрзо да го даде законот за заемот во Собрание, но и да се каже кое е потеклото на парите. Дали зад тоа можеби се крие некаква друга тенденција? Дали можеби е идеја некои компании во Унгарија да преземаат тука кај нас, медиуми или компании, и тоа да е дел од некаков договор?  Зошто посегнуваме за првпат во нашата историја во билатерален договор да позајмуваме пари кога ние имаме аранжмани со Светска банка, соработуваме со Европска инвестициска банка, имаме потпишано програма со Меѓународниот монетарен фонд – рече Филипче на брифингот со новинарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот