Украинец во Истра лажел повозрасни жени дека е лекар и дека децата им умираат – ги „олеснил“ за 57.000 евра
Хрватската полиција спровела криминалистичка истрага и утврдила сомнение дека 38-годишен украински државјанин на подрачјето на Истра извршил шест измами, објави „Истра тера магика“.
Препорачано
Мажот се сомничи дека кривичните дела ги извршил во периодот од 15 септември до 29 ноември, а негови жртви биле постари жени, од кои земал пари и накит за наводни трошоци за лекување. Засега непознатиот сторител ги повикувал жените по телефон, претставувајќи се како лекар и на измамнички начин ги доведувал во заблуда да му предадат пари и накит.
Им кажувал дека нивната ќерка или син се во болница со тешки повреди и дека итно е потребно да се плати лекување или операција. Загрижени за своите деца, жените се согласувале да ги платат наводните трошоци, по што на нивната адреса набргу пристигнувал 38-годишникот, кому му ги предавале парите и накитот.
Осомничениот потоа дел од парите му ги предавал на соработник.
На овој начин осомничениот измамил шест жени – две на возраст од 86 години, како и жени на возраст од 87, 84, 75 и 70 години. Вкупната материјална штета што им е нанесена се проценува на околу 57.000 евра.
Нова измама со пари: битолчанка дала 20.000 евра за лажна операција на ќерка ѝ
Криминалистичката истрага е спроведена во соработка со Полициската управа Приморско-горанска, Личко-сењска, Карловачка, Сисачко-мославинска, Меѓимурска, Задарска и Вировитичко-подравска. По завршувањето на истрагата, осомничениот бил приведен во притворската единица на Полициската управа Вировитичко-подравска.
Полициjата продолжува со спроведување на криминалистичката истрага.
Сѐ почести се измамничките шеми на Балканот и пошироко во кои повозрасни луѓе се жртви на измамници кои преку телефон им бараат пари или други вредни предмети бидејќи „се случила несреќа“.
Честопати измамниците се претставуваат како лекари или како полицајци, па бараат пари за да „не ги казнат роднините кои учествувале во сообраќајна несреќа“ или, пак, „за да ги оперираат бидејќи се во животозагрижувачка состојба“.
За потсетување, пред неколку дена полицијата соопшти дека 82-годишна жена од Скопје била измамена за околу 170.000 денари, а измамникот ја контактирал телефонски, се претставил како полицаец и ѝ рекол дека нејзината внука учествувала во сообраќајна несреќа во која загинало дете и дека е потребно да плати за да не оди во затвор.
Претходно, повозрасна битолчанка била измамена за сума од 20.000 евра откако непознат човек ѝ се јавил и ѝ рекол дека нејзината ќерка паднала и се повредила, „па за операција се потребни пари“, а таа отишла и ги оставила на договореното место.
Уште една измама со лажна сообраќајка: 82-годишна скопјанка измамена за 170.000 денари


